Марина Костова избрана за потпретседателка на ФИПРЕСЦИ
Изборот на новото раководство со четиригодишен мандат се одржа на Генералното собрание во Будимпешта на 17 и 18 септември. За нов претседател е избран Ахмед Шауки од Египет, а покрај Костова за потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.
Македонската филмска критичарка и новинарка Марина Костова е избрана за потпретседателка на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ). Ова е првпат во 100-годишната историја на организацијата филмски критичар од Македонија да стане дел од нејзиното раководство, информира Македонската секција на ФИПРЕСЦИ.
Изборот на новото раководство со четиригодишен мандат се одржа на Генералното собрание во Будимпешта на 17 и 18 септември. За нов претседател е избран Ахмед Шауки од Египет, а покрај Костова за потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.
„Оваа функција ја сфаќам како огромна чест, не само за мене лично туку особено за нашата Македонска секција на ФИПРЕСЦИ која, иако една од најмалите, е особено активна во жиријата на бројни фестивали во светот. Како потпретседателка ќе работам на зајакнување на соработката со фестивалите и на враќање на поддршката за независната филмска критика“, изјави Костова.
Костова е актуелна претседателка на Македонската секција на ФИПРЕСЦИ и заменик-главен уредник на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК. Таа има учествувано во жирија на големи меѓународни фестивали, меѓу кои Венеција, Виена, Сараево, Солун и Истанбул, и е авторка на неколку книги, како и дел од тимот на првиот македонски „Речник на медиумската писменост“.
ФИПРЕСЦИ е основана во 1925 година и денес обединува здруженија на филмски критичари од 90 земји. Организацијата доделува престижни награди на повеќе од 100 филмски фестивали ширум светот, меѓу кои и годишната Гран-при за најдобар филм на годината што се врачува на фестивалот во Сан Себастијан. Во 2025 година, ФИПРЕСЦИ ја одбележува својата 100-годишнина со низа специјални настани на најголемите филмски фестивали – во Кан, Венеција и Берлин.
