Комеморација за убиениот Чарли Кирк
Десетици илјади луѓе присуствуваа на комеморацијата на убиениот активист Чарли Кирк во Аризона. Трамп рече дека Кирк е маченик за слобода и оти атентаторот ќе ја добие највисоката казна, притоа говорејќи и за политичкото насилство во земјата, поттикнато од како што ги нарече, левичарските манијаци. Вдовицата на Кирк, пак, рече дека му простува на убиецот …

Десетици илјади луѓе му оддадоа почит на убиениот десничарски активист Чарли Кирк на комеморација на преполн стадион во Глендејл. Трамп го нарече „маченик за американската слобода“ и повтори дека радикалната левица е одговорна за убиството.
„Насилството доаѓа главно од левицата. Тој не ги мразеше своите противници, го сакаше најдоброто за нив. Тука не се согласувам со Чарли. Јас ги мразам своите противници и не го сакам она што е најдобро за нив“, изјави претседателот Трамп.
За разлика од претходните говорници, сопругата на Кирк го заврши својот 20-минутен, емотивен говор, повикувајќи на помирување. Ерика му понуди прошка на обвинетиот Тајлер Робинсон и ја соопшти нејзината одлука да не бара смртна казна за него.
„Моето срце е скршено, но јас простувам. Чарли сакаше да ги спаси младите луѓе, како оној што му го одзеде животот. На тој млад човек-му простувам, затоа што Чарли би го направил тоа. Во однос на смртната казна, искрено, му реков на нашиот адвокат дека сакам Владата да одлучи“, рече Ерика Кирк, сопруга на Чарли Кирк.
Потпретседателот Џеј Ди Венс го пофали Кирк за неговата помош во изборот на Трамп за претседател на САД минатата година преку мобилизирање на младите гласачи.
„Целата наша администрација е тука, но не само затоа што го сакаме Чарли како пријател, туку и затоа што знаеме дека немаше да бидеме тука без него“, изјави Џеј Ди Венс, потпретседател на САД.
Кирк беше убиен на 10 септември додека одговараше на прашања од публиката во кампус во Јута. За неговото убиство е обвинет 22-годишен студент од Технички факултет. Истражителите велат дека во порака признал дека го убил Чарли затоа што му било „доста од неговата омраза“.
Кирк постхумно ќе биде награден со претседателскиот Медал за слобода. Церемонијата ќе се одржи во Белата куќа.
Катерина Бојаџиева
