Учениците во Трубарево се враќаат на настава со физичко присуство
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска при посетата на училиштето „Св. Наум Охридски“ истакна дека здравјето на учениците и наставниците останува приоритет. Таа најави дека, доколку Министерството за животна средина или Министерството за здравство алармираат за опасност, повторно ќе се донесе одлука наставата да се одвива онлајн.

По една недела следење на часови онлајн, околу 1.800 ученици од четири основни училишта во Трубарево денеска се вратија во училниците. Владата и Министерството за образование и наука минатата седмица донесоа одлука наставата да се одвива од далечина поради присуство на штетни материи во воздухот, предизвикани од пожарот во магацин за рециклирање отпад.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска при посетата на училиштето „Св. Наум Охридски“ истакна дека здравјето на учениците и наставниците останува приоритет. Таа најави дека, доколку Министерството за животна средина или Министерството за здравство алармираат за опасност, повторно ќе се донесе одлука наставата да се одвива онлајн.
„Сега засега нема опасности и затоа учениците продолжуваат со физичко присуство. Нема подобра настава, ниту подобри резултати од оние што се постигнуваат со работа во училница“, изјави Јаневска.
Од 14 до 19 септември наставата онлајн ја следеа учениците од основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“ на територијата на општина Гази Баба.
