Авиосообраќај

Дефект на радар на контролата на летање на скопскиот аеродром

22.09.2025 18:01

Радар на контролата на летање на скопскиот аеродром, наменет за следење на авионите при следување е надвор од функција поради дефект. Информацијата ја потврдија од М-НАВ, од каде уверуваат дека безбедноста не е загрозена, иако кварот влијае на бројот на авиони што можат да се опслужат во еден час...

Дефектот на еден од радарите на скопскиот аеродром се отстранува и не влијае врз безбедноста на авиосообраќајот, уверуваат од Македонска навигација.

Од таму велат дека дефектот го санира производителот на уредот преку онлајн пристап, а ангажирани се и стручни лица од М-НАВ, со цел враќање во употреба на радарската глава Алениа – Бањски рид. Додаваат дека техничкиот проблем на еден од трите радарски глави на македонска навигација е нормална појава во авијацијата, за која се предвидени и конкретни безбедносни процедури.

„Во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на скопскиот аеродром. Единствената промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на еден час. Овие регулации ќе останат во сила до отстранување на дефектот“, се вели во соопштението на директорот на Македонска навигација, Владимир Ристески.

Реагираа од СДСМ. Според нив, расипаниот радар ги доведувал граѓаните во опасност, а слетувањето на авионите било бавно и сведено на импровизација. Оттаму како причина за ваквите ситуации ја посочуваат партизацијата на М-НАВ.

Венко Филипче и СДСМ намерно креваат лажна паника за нарушена безбедност, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до партизацијата на македонска навигација, од ВМРО ДПМНЕ велат – да потсетиме дека каубоите на ДУИ се тепаа на работното место, а пајташите на СДС вработија 70 партиски војници во оваа институција.

Од контрола на летање пак, со месеци предупредуваат дека работат со застарена опрема и дека потребна е модернизација.

Марија Котовска