Трубарево: Состојбата со аерозагадувањето нормализирана, потребни анализи на почвата и водата
Жителите на Трубарево можат да здивнат. Состојбата со аерозагадувањето е нормализирана – покажаа анализите на лабораторијата „Амбикон“. Но, сè уште се испитуваат примероците од почвата. Учениците од четирите училишта, по една недела онлајн, се вратија на настава со физичко присуство …

Една недела по пожарот во Трубарево, состојбата со воздухот е нормализирана. Резултатите на двете мерни станици на УГД-Штип кои беа поставени ден по хаваријата во складиштето за електронски отпад, покажале дека нема надминување на вредностите кои биле анализирани. Во нив спаѓаат и тешките метали, вели ректорот Мираковски. Останува да се анализираат уште два филтра за да се комплетира целосниот извештај.
Последните испитувања на воздухот од Инспекторатот за животна средина покажуваат дека и викендов немало надминувања на концентрацијата на ПМ-10 честичките во Трубарево.
Основците од четирите училишта во Трубарево се вратија на настава со физичко присуство, откако минатата недела Владата одлучи тие да ги следат часовите онлајн, вели министерката Јаневска.
За еколошката хаварија која се случи во магацинот за складирање на електронски отпад, ОЈО отвори истрага. Осомничени се четири физички и едно правно лице. Се товарат дека ја загрозиле животната средина со отпад.
Викторија Милевска
