Клинички центар

Пералницата на Клинички надвор од функција, за проблемот утре ќе се дискутира на владина седница

22.09.2025 17:29

Пералницата на Клиничкиот центар е повторно надвор од функција. Вработените штрајкуваат, машините за перење и сушење расипани. Клиниките се снаоѓаат како знаат и умеат. Утре на владина седница ќе се бара решение за овој проблем – пералницата ќе се врати во државна сопственост, односно повеќе нема да функционира како јавно-приватно партнерство.

Пералната во комплексот Клиники „Мајка Тереза“ трети ден не работи, расипани машини за перење, расипани сушари. Без никакви услови за работа а вработените се жалат и дека немаат земено плата.

Пералница не ги задоволува санитарно-техничките услови коишто потребно е да ги има, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Инспекторите извршиле и редовен и вонреден надзор со препораки за отстранување на недостатоците.

Министерот за здравство вели дека на владина седница ќе се бара решение за проблемот и оти ќе се напушти досегашното јавно-приватно партнерство.

И на фирмата која управува со пералницата и одговара вакво сценарио.

„Почнавме процедура со враќање на обврската за управување со пералницата кон државата. Уште во петокот, 19.09.2025 година, клиниките од Клинички центар – „Мајка Тереза“, престанаа да ги носат чаршафите и другиот материјал за перење.“, стои во соопштението до Скопстер.

Заостанатите плати на вработените ќе треба да се исплатат.

Вработените штрајкуваа и пред еден месец, но по средбата со министерот Алиу продолжија да работат.

 

Ана Јосифоска