Кривичен суд

Условна казна од две години за Пешевска која призна вина во случајот „Онкологија“

22.09.2025 16:36

Кривичниот суд ја изрече пресудата за доктор мери Пешевска во случајот онкологија. Откако таа призна вина за немарност, што овозможило злоупотреба на нејзиниот факсимил и несовесно лекување пациенти, Пешевска доби условна казна. Процесот против поранешниот директор на клиниката Нино Васев и уште двајца онколози, кои се изјаснија за невини продолжува...

Условна казна доби докторката Мери Пешевска, обвинета во случајот „Онкологија 1“ во којшто таа и уште неколку нејзини колеги се товарат за несовесно лекување. Судот на обвинетата и утврди казна затвор во траење од две години, но таа нема да оди во затвор доколку за пет години не го повтори делото.

На обвинетата како товар и се става небрежно соизвршителство.

Судот ги ценеше последиците од севкупноста на заедничките дејствија коишто биле преземени, а биле тешки бидејќи кај пациентите дошло до нарушување на здравјето. Обвинетата, како лекар специјалист имала должност на грижа, внимание и одговорност, дејствијата се повеќекратни и во континуитет, што дава повисок степен на одговорност. Олеснителни околности се што досега никогаш немало поплаки за неа од вработени и пациенти. Голем дел од нив се излекувани.

Случај „Онкологија 1“ за несовесно лекување пациенти, продолжува за поранешниот директор Нино Васев и двајца обвинети лекари Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, кои пред Судот негираа вина.

Во случајот „Онкологија 2“ за несовесно работење и финансиски криминал се теретат поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи.

Наташа Јанчиќ – Менковски