Блиски Исток

Израел гневен по серијата признавања на Палестина

22.09.2025 19:16

Расте бројот на земји што решението го гледаат во две држави. По Австралија, Британија, Канада и Португалија, сличен чекор подготвуваат и Франција, Белгија, Нов Зеланд. Израел гневен по серијата признавања на Палестина. За Тел Авив, признавањата се награда за Хамас...

Иднината на Блискиот Исток, решението за две држави, Израел и Палестина, на маса на Конференцијата на ООН во Њујорк, организирана од Франција и Саудиска Арабија, пред почетокот на Генералното собрание. Расте поддршката за крај на деценискиот проблем откако Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија формално ја признаа државата Палестина.

„Ова е најдобрата шанса што светот ја имал во последниве децении да го разоружа и изолира Хамас и да обезбеди самоопределување за народот на Палестина“, истакна австралискиот премиер, Ентони Албанезе.

„Португалија се залага за решение до две држави како единствен пат кон праведен и траен мир што промовира коегзистенција и мирни односи меѓу Израел и Палестина“, изјави Пауло Рангел, министер за надворешни работи на Португалија.

Франција, Белгија, Луксембург и Нов Зеланд се за Палестинска држава. Макрон го услови отворањето амбасада се додека Хамас не ги ослободи заложниците. Италија тврди дека признавањето може да биде контрапропдуктивен потег. Во земјата избувнаа протести против геноцидот во Газа. Германија тврди дека би можеле да се поткопаат напорите за постигнување договорено решение.

„Признавањето на Палестина е категорично отфрлање на Хамас и негова дефинитивна изолација и ги оправдува оние кои, меѓу Палестинците, избраа да се откажат од насилството и тероризмот“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Израелскиот премиер дециден, Палестинска држава нема да се случи. Нетанјаху се закани со контрамерки и анексија на Западниот брег.

„Имам јасна порака до оние лидери кои признаваат палестинска држава по ужасниот масакр на 7 октомври – му давате огромна награда на тероризмот. Тоа нема да се случи. Нема да има палестинска држава западно од Јордан. Одговорот на најновиот обид да ни се наметне терористичка држава во срцето на нашата земја ќе биде даден по моето враќање од САД“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Израел и САД го бојкотираат состанокот во Њујорк.

„Има многу гнев и многу омраза. Го знаете тоа. Ова не е нешто ново, но се надеваме дека ќе постигнеме нешто. Ја проучуваме Газа и се справуваме со Газа. Тоа е вистински хаос“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Повеќе од 145 држави досега ја имаат признато палестинската држава, поголем дел од нив во далечната 1988 година, кога Националниот совет на Палестина објави декларација за државата.

Маријана Димовска