УКРАИНА

Осуда за руските упади во воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија

23.09.2025 09:06

Инцидентот доаѓа во момент кога Русија е обвинета за нарушување на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија...

Москва на удар на дронови, откажани летови од аеродромите. Градоначалникот на руската престолнина соопшти дека собориле 11 беспилотни летала. Инцидентот доаѓа во момент кога Русија е обвинета за нарушување на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија. Советот за безбедност на Обединетите Нации одржа состанок. Естонскиот шеф на дипломатијата со критики за Москва за агресивните дејствија. Волц, новиот американски амбасадор во Обединетите нации, ја повика Русија на деескалација.

„Ја повикувам Русија, како постојана членка на овој Совет, да го одржува меѓународниот мир и безбедност, да го почитува суверенитетот на своите соседи, да престане да го нарушува нивниот воздушен простор и директно да преговара со Украина“, изјави Мајкл Волц, амбасадор на САД во ООН.

Рускиот претседател потенцира дека ќе одговори на сите закани, но не се заинтересирани за воена реторика.

„Русија е способна да одговори на сите постоечки и нови закани, не со зборови, туку со примена на воено-технички мерки. Пример за ова е нашата одлука да се откажеме од едностраниот мораториум за распоредување на копнени ракети со среден и пократок дострел. Ова беше принуден чекор“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Северноатлантскиот совет на ниво на амбасадори ќе одржи состанок во рамките на Член 4 од договорот за НАТО, кој предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на закани против една од нејзините членки.