Се нижат признавања на палестинската држава
Уште седум држави, меѓу кои и Франција ја признаа палестинската држава. На конференцијата на ООН во Њујорк упатени пораки за крај на конфликтот на Блискиот исток. Палестинскиот претседател Абас преку видеопорака, во Обединетите нации го повика Хамас да го предаде оружјето и Израел веднаш да почне преговори. САД и Израел не присуствуваа на конференцијата. Израелскиот премиер Нетанјаху претходно се закани дека нема да има палестинска држава.

Се зголемува притисокот за решение на конфликтот на Блискиот Исток. Франција, Белгија, Монако, Луксембург, Сан Марино, Малта и Андора и формално ја признаа палестинската држава. Макрон објасни дека Париз нема да отвори амбасада во Палестина, додека не се постигне прекин на огнот во Газа и не се ослободат заложниците што ги држи Хамас.
„Ние носиме историска одговорност. Мора да направиме се за да ја зачуваме можноста за решение со две држави, Израел и Палестина, кои живеат едни до други во мир и безбедност. Дојде времето“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција
Претходно Палестина ја признаа Велика Британија, Канада, Австралија, Португалија. Генералниот секретар на ООН, Гутереш, истакна дека државноста за Палестинците е право, а не награда.
„Канада ја признава државата Палестина. Ние нудиме наше целосно партнерство во градењето на ветувањето за мирна иднина и за државата Палестина и за државата Израел“, изјави Марк Карни, премиер на Канада.
Палестинскиот претседател Абас преку видеопорака, во Обединетите нации го повика Хамас да го предаде оружјето и Израел веднаш да почне преговори.
„Хамас нема да има улога во управувањето. Тој, заедно со другите фракции, мора да предаде оружје на Палестинската самоуправа затоа што сакаме една невооружена држава, еден закон и една легитимна безбедносна сила“, изјави Махмуд Абас, претседател на Палестина.
САД и Израел не присуствуваа на конференцијата. Високиот израелски претставник во Обединетите нации, со остри критики кон Франција откако израелскиот премиер Нетанјаху претходно се закани дека нема да има палестинска држава.
„Ова е театар бидејќи сите знаеме дека е надвор од реалноста. Кога Хамас ја фали оваа конференција и ја нарекува плодови од 7 октомври, знаеме дека е проблем“, изјави Дени Данон, амбасадор на Израел во ООН.
Серијата признавања на Палестина следуваат по ескалацијата на војната во Газа којашто донесе незапаметени ужаси и страдања.
Маријана Димовска
