Мицкоски: Судиите и обвинителите не ги заслужуваат платите
Премиерот Мицкоски не се согласува судиите и обвинителите да земаат повисоки плати, како што предвидуваат реформските закони во правосудството, бидејќи одлуките што ги носат и рејтингот што го имаат. Според него, покажуваат дека не ги заслужуваат и платите што сега ги имаат...

Зголемување на платите на судиите и обвинителите како начин да станат независни. Ова е дел од реформската агенда за Планот за раст на ЕУ што треба да се оствари до декември оваа година. Премиерот Мицкоски останува на ставот дека ова барање на Брисел нема да го имплементира. Смета дека платите на судиите и обвинителите и сега се превисоки во однос на резултатите од нивната работа и рејтингот што го имаат. Владата врши компаративна анализа за да се спореди колкави се платите на судиите и обвинителите во земји членки на Европската унија и колкав дел од нивните буџети се издвојуваат за оваа намена.
Христијан Мицкоски денеска повторно се обиде да ја изманипулира јавноста со празни флоскули за судството и обвинителството. Наместо конкретни реформи и решенија, тој уште еднаш демонстрира дека единствен интерес му е политичка контрола, реагираат од СДСМ.
„Откако е на власт, Мицкоски не донесе ниту еден реформски закон за судството. Наместо ветените промени, тој го претвори правосудството во партиска филијала – со судии сопружници на негови градоначалници и роднини на неговите коалициски партнери. Мицкоски дури и одби заедно со СДСМ да ги донесе неопходните реформски закони. Тој сака судство заробено во неговиот партиски систем, а не независно и праведно. СДСМ потсетува: без вистински реформи и независни институции нема правда за граѓаните“, стои во реакцијата од СДСМ.
Според анализата на Европската комисија за ефикасност на правдата македонскиот судски буџет стандардизиран како процент од БДП е значително помал од другите земји во регионот.
Славица Величковска
