Белорусија

Украинска криза: Путин и Порошенко седнаа на разговори во Минск

26.08.2014 16:22

Покрај Путин седеа и белорускиот претседател Лукашенко и претседателот на Казахстан Назарбајев но и претставници на ЕУ. Порошенко непосредно пред доаѓањето во Минск рече дека планира да се согласи за мирно решение за состојбата во Украина.

По Франција на почетокот на јуни денеска во Минск втора директна средба на неодамна избраниот украински претседател Порошенко и неговиот руски колега Путин. Ново не е само местото на средбата, туку и форматот. Покрај Путин седеа и белорускиот претседател Лукашенко и претседателот на Казахстан Назарбајев но и претставници на ЕУ. Порошенко непосредно пред доаѓањето во Минск рече дека планира да се согласи за мирно решение за состојбата во Украина.

„Разговорите со рускиот претседател Путин и претставници на ЕУ ќе ја решат судбината на светот и Европа. Се бара политички компромис и запирањето на испораката на оружје на сепаратистите во источна Украина ќе го отвори патот за мир во земјата“, рече претседателот на Украина Петро Порошенко.

„Подготвени сме да размениме мислења за актуелната криза во Украина за која сме уверени дека неможе да биде решена со натамошна ескалација и употреба на сила без разговори и дијалог со Киев и претставници од источна Украина“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.

Европската унија во Минск ги прати високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, комесарот за трговија Карел де Гухт и комесарот за енергија Гинтер Етингер. Според Ештон, денешниот состанок претставува добра можност за решавање на украинската криза, што не смее да се испушти. Самитот доаѓа во време на зголемена напнатост меѓу Киев и Москва поради ситуацијата во источна Украина.

 И додека сето внимание е свртено кон Минск, во Украина се заробени руски војници. Како што јавуваат руските медиуми, војниците  навлегле на  територијата на Украина „по грешка“ .На украинските власти им се забележува што целиот инцидент го прикажуваат како воена провокација, објаснувајќи дека повеќе од 500 украински војници преминаа во Русија.

Лидија Чакар