Полни контејнери и реа - Скопје се дави во смет
Градот Скопје буквално се дави во смет. Преполните контејнери и расфрланото ѓубре станаа секојдневна слика. Граѓаните гневни, бараат веднаш да се реши проблемот и да престанат политичките предизборни надмудрувања зашто смредата е неподнослива...

Непријатна реа, смет во и надвор од контејнерите – ваква е сликата во центарот на градот, а се забележува и насекаде низ метрополата.
Граѓаните се жалат – отпадот со недели не се собира, немајќи избор го оставаат сметот до преполните контејнери, со што само ја влошуваат ситуацијата. Ѓубрето се таложи и таложи, Скопје е претворено во депонија.
Од Комунална хигиена уверуваат дека претпријатието ги вложува сите напори за да ја одржи динамиката, предвидена со оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад.
„ЈП комунална хигиена - Скопје“ се соочува со енормно зголемени количества на одложен комунален, кабаст и градежен отпад, како во самите контејнери, така и во нивната непосредна околина, односно на јавни и сообраќајни површини. Од овие причини може да се случи на одредени локации да има доцнење при собирањето и транспортот на отпадот.“, стои во соопштението од ЈП комунална хигиена – Скопје.
И додека сметот се трупа, а граѓаните бараат проблемот веднаш да се реши, не запираат партиските обвинувања. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за состојбата со комуналната хигиена ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на управниот одбор на претпријатието. СДСМ тврди дека зад хаосот стојат токму Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, додека од владејачката партија сметаат дека СДСМ се координирани со градоначалничката за да се создаде уште поголем проблем со сметот во Скопје.
Ана Јосифоска
