Свет

Нормализирана ситуацијата на аеродромите во Копенхаген и Осло, Москва ги отфрла обвинувањата за вмешаност

23.09.2025 19:16

Нормализирана ситуацијата на аеродромите во Копенхаген и Осло, откако дронови ги запреа сите летнувања и слетувања на неколку часа. Песков ги отфрли обвинувањата дека Русија е вмешана во инцидентите со дроновите над Копенхаген и Осло. Данската полиција првично соопшти дека дроновите најверојатно биле управувани од „способен оператор“...

Нормализирана ситуацијата на аеродромите во Копенхаген и Осло, откако дронови ги запреа сите летнувања и слетувања на неколку часа. Се утврдува дали постои врска помеѓу двата инцидента кои доаѓаат само неколку дена по кибернападот врз еден ИТ-сервис провајдер, кој го наруши работењето на неколку европски аеродроми.

Според данската премиерка, дроновите кои ја попречиле работата на аеродромот во Копенхаген претставуваат најсериозен удар врз критичната инфраструктура досега.

„Не можам да исклучам можноста дека станува збор за Русија. Видовме дронови над Полска кои не требаше да бидат таму. Видовме активност во Романија, нарушувања на естонскиот воздушен простор. Видовме сајбер напади на европските аеродроми. Сега имаше дронови во Данскакако и во Осло и на други места во Норвешка. Ова е сериозен напад. Мора да се гледа во контекст на сè друго што се случува во Европа, иако сè уште не можеме да извлечеме никакви заклучоци“, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.

Песков ги отфрли обвинувањата дека Русија е вмешана во инцидентите со дроновите над Копенхаген и Осло.

„Не треба да се изнесуваат такви неосновани обвинувања“, нагласи Димитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Данската полиција првично соопшти дека дроновите најверојатно биле управувани од „способен оператор“, но сè уште нема идентификувани осомничени.

„Сè укажува дека зад дроновите стои способен оператор. Нашата проценка е дека секако постоел потенцијален ризик за воздушниот сообраќајВодиме истрага дали се поврзани двата инцидента“, изјави Јес Јесперсенистражител во копенхагенска полиција.

Од аеродромот во Осло информираат дека случајот е предаден во рацете на полицијата, која го истражува инцидентот.

„Имаме добра соработка со полицијата кога се случуваат вакви инциденти. Им го предадовме целиот наш материјал и сме во постојан контакт. За жал ова не е невообичаено. Минатата година откривме до 1.500 дрона во близина до нашите аеродроми, иако е многу јасно дека постои зона на забрана од 5 километри“, изјави Торгеир Ландеваг, директор на аеродромот во Осло.

Во меѓувреме, Северноатлантскиот совет се состана на барање на Естонија, согласно член 4 од Вашингтонскиот договор, за да се консултира и остро да го осуди опасното кршење на естонскиот воздушен простор од страна на Русија. Алијансата ќе одговори решително.

„Овој сојуз ги има сите потребни капацитети, секогаш кога Русите, без разлика дали е намерно или не, ќе се обидат да го нападнат воздушниот простор на сојузничките сили и воздушниот простор на НАТО, тогаш ние ќе реагираме. Подготвени сме да продолжиме да ја браниме секоја педа од територијата на сојузниците“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Неколку други сојузници-вклучувајќи ги Финска, Латвија, Литванија, Норвешка и Романија, исто така неодамна доживеаа кршење на воздушниот простор од страна на Русија. Од НАТО изразија целосна солидарност со сите сојузници чиј воздушен простор е прекршен.

Катерина Бојаџиева