НАТО треба да одговори на руските закани, смета Трамп
НАТО треба да соборува руски авиони што влегуваат во нивниот воздушен простор, изјави американскиот претседател. Изјавата следува откако изминатиот период руски дронови упаднаа во воздушниот простор на земји-членки на Алијансата. Трамп вели дека Киев со поддршка на ЕУ и НАТО е во позиција да ја врати целата своја територија што ја изгуби во војната. Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со Путин каде било – но не во Москва, како што претходно предложи Кремљ. Опција е и Казахстан…

Од Балтичко до Црно Море, земјите што граничат со Русија, Белорусија и Украина стравуваат од прелевање на војната. Министрите за одбрана од источната граница на ЕУ в петок ќе разговараат како да се заштитат. Членките на НАТО треба да соборуваат руски авиони што влегуваат во нивниот воздушен простор, изјави американскиот претседател. На прашањето дали САД ќе обезбедат воена поддршка во таква акција, Трамп рече дека потенцијалното учество ќе зависи од околностите.
„Сè зависи од околностите. Знаете, НАТО се засили. Кога се зголеми буџетот од 2 на 5 проценти, тоа беше одлично единство. Трилиони долари се вложуваат и ни плаќаат за оружјето што го испраќаме. Тоа беше голем ден. Никој не помисли дека нешто такво може да се случи“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Трамп вели дека Киев со поддршка на ЕУ и НАТО е во позиција да ја врати целата своја територија што ја изгуби во војната. Зеленски верува оти Вашингтон ќе ја поттурне Русија кон мир. На билатералната средба двајцата претседатели разговарале за промена на ситуацијата по три и пол години крвопролевање. Зеленски пред Советот за Безбедност упати критики кон Путин и Кина и ја повика Русија да стави крај на војната. Во ТВ интервју, Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со Путин каде било – но не во Москва, како што претходно предложи Кремљ. Опција е и Казахстан.
„Вистинските безбедносни гаранции мора да станат линија што Русија не може повторно да ја премине. Ако се обедините за завршување на оваа војна, дури и Русија ќе мора да се покори. И ако некои од вас дејствуваат додека други одложуваат, војната продолжува“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Од состаноците во ООН, ЕУ вети континуирана поддршка за Киев воено, економски, политички и дипломатски.
„Во последните месеци, Русија го избра патот на ескалација и ги зголеми нападите врз невините цивили и изврши невидено и намерно кршење на воздушниот простор на земјите-членки на ЕУ со беспилотни летала и авиони. Русија го поткопува европскиот и глобалниот мир и безбедност“, рече Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен на средбата со шефот на Белата Куќа истакна дека Европа сака да престане да купува руска нафта до крајот на годината. САД го сметаат за апсурдно барањето на Европа, Вашингтон да воведе санкции за Москва, а самата купува руски енергенси.
Маријана Димовска
