Култура

Изложба на Кирил Гегоски во Македонскиот културно- информативен центар во Тирана

24.09.2025 21:09

Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата.

Утре во 19 часот, во Културно информативниот центар на Северна Македонија во Тирана ќе се отвори изложба на уметникот Кирил Гегоски. Изложбата ќе биде поставена до 10 октомври 2025, нудејќи им на посетителите внимателно изградена форма на размена и размислување за современата уметност и нејзиниот социјален и културен потенцијал.

Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата. Уметничкиот израз е исполиран до последниот детаљ, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред сè, извонредното чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи.

Кирил Гегоски е роден 1944-та година, во Прилеп. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје, во 1964 година. Член е на ДЛУМ (од 1968) и на ДЛУБ (од 1990). Добитник е на голем број награди во земјава и во странство.