Украина

Киев со поддршка на ЕУ и НАТО е во позиција да ја врати територијата што ја изгуби

24.09.2025 14:46

Киев со поддршка на ЕУ и НАТО е во позиција да ја врати целата своја територија што ја изгуби во војната, изјави американскиот претседател Доналд Трамп. Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со Путин каде било – но не во Москва, како што претходно предложи Кремљ. Опција е и Казахстан …

Од Балтичко до Црно Море, земјите што граничат со Русија, Белорусија и Украина стравуваат од прелевање на војната. Министрите за одбрана од источната граница на ЕУ в петок на разговори. Членките на НАТО треба да соборуваат руски авиони што влегуваат во нивниот воздушен простор, а потенцијалното учество од САД во ваквите активности ќе зависи од околностите, изјави американскиот претседател.

„Се зависи од околностите. Знаете, НАТО се засили. Кога се зголеми буџетот од 2 на 5 проценти, тоа беше одлично единство. Трилиони долари се вложуваат и ни плаќаат за оружјето што го испраќаме. Тоа беше голем ден. Никој не помисли дека нешто такво може да се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп вели дека Киев со поддршка на ЕУ и НАТО е во позиција да ја врати целата своја територија што ја изгуби во војната. Украинскиот претседател верува оти Вашингтон ќе ја поттурне Русија кон мир. На билатералната средба двајцата претседатели разговарале за промена на ситуацијата по три и пол години крвопролевање. Зеленски пред Советот за безбедност упати критики кон Путин и Кина и ја повика Русија да стави крај на војната.

„Вистинските безбедносни гаранции мора да станат линија што Русија не може повторно да ја премине. Ако се обедините за завршување на оваа војна, дури и Русија ќе мора да се покори. И ако некои од вас дејствуваат додека други одложуваат, војната продолжува“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

И додека на фронтот продолжуваат борбите во неколку правци, во ООН, ЕУ вети континуирана поддршка за Киев воено, економски, политички и дипломатски.

„Во последните месеци, Русија го избра патот на ескалација и ги зголеми нападите врз невините цивили и изврши невидено и намерно кршење на воздушниот простор на земјите-членки на ЕУ со беспилотни летала и авиони. Русија го поткопува европскиот и глобалниот мир и безбедност“, рече Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Европа и САД ќе работат заеднички за да ги вратат дома исчезнатите деца од Украина, порача претседателката на Европската Комисија. На средбата со шефот на Белата Куќа, Фон дер Лајен истакна дека Европа сака да престане да купува руска нафта до крајот на годината.

Маријана Димовска