Украинска Енергија го сели бизнисот во Македонија
Потпишан е договорот за новата 18-милионска инвестиција во Бунарџик која треба да донесе 150 директни и уште најмалку 50 индиректни вработувања...
Киевската компанија Енергија целосно го сели бизнисот во Македонија. Потпишан е договорот за новата 18-милионска инвестиција во Бунарџик која треба да донесе 150 директни и уште најмалку 50 индиректни вработувања. Украинците ќе бидат комплетно извозно ориентирани, а нивните високотехнолошки производи за пречистување вода ќе ги пласираат главно во Европа. Генералниот менаџер на компанијата вели дека поволните услови што им се нудат на инвеститорите биле решавачкиот фактор за префрлање на бизнисот во нашата земја.
„Ние планираме да ја затворивме фабриката во Киев кога ќе стане оперативен нашиот нов капацитет во Македонија. Истото го сторивме и кога ја затворивме фабриката од САД на сметка на досегашната во Украина. Сакаме со фабриката во Македонија да ги покриваме светските пазари. Јас на своите пријатели ќе им препорачам да го следат овој чекор и својата работа да ја префрлат во Македонија“, изјави Андреј Конашков, генерален менаџер на компанијата.
Украинците веќе имаат закупено две парцели со површина од 8 хектари во зоната Бунарџик 2, веднаш до капацитетот на Ван Хул. Во април почнуваат со изградба на фабриката која ќе се протега на 20.000 квадратни метри. Изградбата на новиот капацитет започнува напролет и ќе трае околу една година.
„Најважно е што, освен директно креираните 150 работни места, ќе бидат потребни и луѓе кои би биле вклучени во процесот на анализа и тестирање на овој специфичен производ, па околу 50 луѓе ќе бидат ангажирани и во овој дел. Годишниот извоз од оваа фабрика ќе изнесува околу 20 милиони евра“, изјави Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.
„Дополнително ќе следуваат уште неколку проекти поврзани со оваа инвестиција, за производи кои се дел од палетата на Енерија и кои повторно ќе бидат наменети за извоз“, изјави Илија Исајловски, амбасадор на Р. Македонија во Украина.
Првиот контакт со компанијата бил остварен пред повеќе од пет години за време на владиното роуд-шоу предводено од вицепремиерот Ставрески. Намерата да инвестираат во земјава Украинците ја објавија во мај годинава.
Мартин Пушевски
