Здравство

Дводневен скрининг на населението во Трубарево

24.09.2025 17:01

Почна дводневниот скрининг на жителите од Трубарево по големиот пожар во магацинот за електронски отпад. Прегледите ги вршат две екипи од Клиниката за пулмологија со две амбулантни возила.

Животот во Трубарево се враќа во нормалниот тек. Граѓаните се враќаат на секојдневните обврски, а децата се вратија во училишните клупи. Но, непријатната миризба во воздухот и здравствените ризици по пожарот, остануваат. Денеска на две локации во Трубарево, пулмолози прават скрининг на локалното население, со цел превенција од одредени здравствени заболувања.

Жителите доаѓаа да им се направи комплетен клинички преглед, спирометрија и ЕКГ. Свесни се дека вдишувањето загаден воздух може да им го наруши здравјето.

Дел од граѓаните пак велат дека дошле на прегледот, бидејќи не се чувствуваат најдобро. Но, сите се жалат на непријатната миризба на пластика во воздухот, во близина на опожарениот објект.

Дводневниот скрининг е прва фаза од постапката, а доколку кај некој граѓанин се забележи здравствено нарушување, ќе биде препратен на Клиниката за пулмологија.

Според последните мерења, воздухот во Трубарево не е опасен за здравјето на населението, а не е забележано ниту присуство на радијација во почвата, ниту тешки метали во водата. Сепак, експертите препорачуваат храната убаво да се измие, но и дека е потребна претпазливост и дополнително следење.

Марија Котовска