НБРМ

Усвоени мерки за купување прв стан по олеснети услови, тие што веќе имаат дом - нов стан ќе купуваат со построги услови

24.09.2025 16:41

Народна банка усвои мерки со кои од декември прв стан ќе се купува по олеснети услови, а за тие што веќе имаат дом и купуваат нов стан ќе имаат построги услови за купување. Целта, според гувернерот Трајко Славески, е да им се помогне на тие што немаат живеалиште, а истовремено и да се заузда растот на цената на становите. Според податоците на НБРМ, за само една година цените на становите скокнале за дури 22%...

Банките имаат цели два и пол месеца да се подготват и да понудат добри услови за станбени кредити, рече гувернерот на НБРМ, Трајко Славески. Целта, според него, е да им се помогне на оние кои немаат живеалиште, а истовремено и да се стабилизира цената на становите. Што се однесува до согласноста за поевтина понуда за купување прв стан, Славески рече дека сè уште нема најава од банките.

Банкарскиот сектор има друга логика – колку е поголемо учеството, толку поповолни се кредитите. Но сепак, сето тоа е релативно, додава Славески.

Еве земете вие сега ако можете со 10 илјади евра во денарска противвредност за помал стан кој не мора да биде во центарот на Скопје и влезете во решавање на своето сопствено станбено прашање. Ако ви се потребни наместо 10, 20 илјади евра вие ќе треба да ги позајмите од некаде за што ќе плаќате камата или да речеме од своите најблиски, роднини, пријатели или потрошувачки кредит, што се има трошок. Сакам да кажам дека нема ниту еден аргумент дека ова не е поповолно или не би било поволно за некој што го нема решено станбеното прашање, посочи гувернерот Трајко Славески.

Според податоците на НБРМ, за само една година, цените на становите скокнале за дури 22%. Ако се анализираат цените на станбениот квадрат во главниот град, тие одат од 1.800 до 2.000 евра. Најскапи се становите кои се продаваат во Центар, каде квадратот надмина 3.000 евра.

Борис Грујоски