Воен конфликт

Москва: Погрешно е да се мисли дека Украина може повторно да ги освои анектираните територии

24.09.2025 17:46

Од Кремљ велат – изјавите на Трамп се дадени под влијание на Зеленски и спротивни на руската визија, погрешно е да се мисли дека Украина може повторно да ги освои анектираните територии.

Земјите од Балтичко до Црно Море што граничат со Русија, Белорусија и Украина стравуваат од прелевање на војната. Министрите за одбрана од источната граница на ЕУ в петок на разговори. Членките на НАТО треба да соборуваат руски авиони што влегуваат во нивниот воздушен простор, потенцијалното учество од САД во ваквите активности ќе зависи од околностите, изјави американскиот претседател.

„Се зависи од околностите. Знаете, НАТО се засили. Кога се зголеми буџетот од 2 на 5 проценти, тоа беше одлично единство. Трилиони долари се вложуваат и ни плаќаат за оружјето што го испраќаме. Тоа беше голем ден. Никој не помисли дека нешто такво може да се случи“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп изјави дека со поддршка од ЕУ и НАТО, Киев може да ја врати целата изгубена територија. Зеленски верува дека САД ќе ја поттикнат Русија кон мир. На билатерална средба, двајцата лидери разговарале за промената на ситуацијата по три и пол години војна. Пред Советот за безбедност, Зеленски упати критики кон Путин и Кина и ја повика Русија да стави крај на конфликтот.

„Вистинските безбедносни гаранции мора да станат линија што Русија не може повторно да ја премине. Ако се обедините за завршување на оваа војна, дури и Русија ќе мора да се покори. И ако некои од вас дејствуваат додека други одложуваат, војната продолжува“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од Кремљ велат – изјавите на Трамп се дадени под влијание на Зеленски и спротивни на руската визија, погрешно е да се мисли дека Украина може повторно да ги освои анектираните територии.

„Состојбата на Украина сега е многу полоша и таа само ќе продолжи да се влошува, а фактот дека тие се обидуваат на секој начин да ја охрабрат Украина да продолжи со воените операции и идејата дека Украина може да врати нешто, според нас, е лажно тврдење“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Додека борбите продолжуваат на фронтот, ЕУ во ООН вети континуирана воена, економска, политичка и дипломатска поддршка за Киев.

„Во последните месеци, Русија го избра патот на ескалација и ги зголеми нападите врз невините цивили и изврши невидено и намерно кршење на воздушниот простор на земјите-членки на ЕУ со беспилотни летала и авиони. Русија го поткопува европскиот и глобалниот мир и безбедност“, нагласи Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Европа и САД ќе соработуваат за враќање на исчезнатите деца од Украина-порача претседателката на Европската комисија. На средбата со шефот на Белата Куќа, Фон дер Лајен истакна дека Европа сака да престане да купува руска нафта до крајот на годината.

Бојана Крстевски