Политичарите продолжуваат да си ја префрлаат вината за натрупаниот смет во главниот град
Главниот град се соочува со натрупан смет, што предизвикува револт кај граѓаните. Скопјани се гушат во смрдеата од отпад и контејнерите се прелеваат со ѓубре, политичарите продолжуваат да си ја префрлаат вината еден на друг...

Додека скопјани се гушат во смрдеата од отпад и контејнерите се прелеваат со ѓубре, политичарите продолжуваат да си ја префрлаат вината еден на друг и да се докажуваат кој е повеќе или помалку виновен за настанатата ситуација.
И првиот човек на владата Мицкоски и градоначалничката на Скопје Арсовска се извинија што се поддржале на претходните избори. Мицкоски порача дека за ѓубрето во метрополата ќе има одговорност со име и презиме. Чувствувал одговорност што на минатите избори ја поддржал Арсовска.
Се огласи и Арсовска, му порача дека ако сакал да постои одговорност, тогаш оставка требало да поднесат советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, бидејќи во изминатите четири години го блокирале и го урнисале градот.
„Ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје. Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си“ - стои во објавата на Арсовска.
Во меѓувреме главниот град се соочува со натрупан смет, што предизвикува револт кај граѓаните. Од Комунална хигиена уверуваат дека претпријатието ги вложува сите напори за да ја одржи динамиката, предвидена со оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад.
Ана Јосифоска
