Блиски Исток

Хамас со итно предупредување до Израел

25.09.2025 10:39

Над 20 луѓе се повредени во напад со дронови на Хутите врз израелскиот град Еилат. Леталата погодиле трговски центар...

Над 20 луѓе се повредени во напад со дронови на Хутите врз израелскиот град Еилат. Леталата погодиле трговски центар. Израелските пресретнувачи не успеале да ги соборат навреме. Нападот доаѓа неколку дена по сличен инцидент во кој беше погоден хотел во истиот град.

„Спроведовме успешна воена операција со две беспилотни летала постигнувајќи ја својата цел. Ова е втора операција во последните 24 часа“, изјави Јахја Сари – портпарол на војската на Хутите.

Во исто време додека продолжува израелската воздушна и копнена офанзива во Газа со нови експлозии и жртви, Нетанјаху замина во Њујорк велејќи дека ќе го искористи говорот на Генералното собрание на ОН за да ја каже вистината за Израел и да ги осуди лидерите кои ја признаа Палестина. Тој ќе се сретне и со американскиот претседател Трамп.

„Ќе ја претставам нашата вистина, на граѓаните на Израел, вистината на војниците, ќе ги осудам лидерите кои наместо да ги осудуваат убијците и силувачите што горат бебиња, сакаат да им дадат држава во срцето на земјата Израел. Тоа нема да се случи“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Демонстранти кои протестираа на аеродромот „Бен Гурион“ против премиерот пред неговата посета на САД побараа негова смена, крај на војната и упатија апели до претседателот Трамп за ослободување на заложниците. Во истовреме Хамас упати итно предупредување до израелското раководство дека продолжувањето на воената операција во Газа ја зголемува опасноста за заложниците и побара итно повлекување на израелските сили.