Војната во Украина во фокусот на Генералното собрание на ООН
САД ќе ја поддржуваат Украина до крај, а ќе воведат и санкции кон Русија, истакна украинскиот претседател Зеленски. Американскиот државен секретар Рубио на средбата во Њујорк побара од рускиот министер Лавров да се преземат чекори за крај на војната. На фронтот продолжуваат борбите меѓу руските и украинските сили.

Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади и обвинувања за жртви додека војната останува во фокусот на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Зеленски, кој во своето обраќање побара од светските лидери итна акција против Русија, во интервју за „Фокс Њуз“ изрази уверување дека САД ќе ја поддржат Украина докрај и ќе воведат санкции за Путин.
„Трамп беше попозитивен и покажа дека сака да ја поддржи Украина до самиот крај. Подготвени сме да ја завршиме оваа војна што е можно побрзо. Но, тој разбира дека Путин не сака и дека ни е потребен поголем притисок врз него. Разговаравме детално за тоа и сметаме на санкции од страна на САД“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Во истовреме, американскиот државен секретар Рубио на средбата со рускиот министер Лавров побара Москва да преземе чекори кон трајно решение на конфликтот. Состанокот, одржан зад затворени врати, уследи по изненадувачката изјава на Трамп дека верува оти Украина може да ја врати целата окупирана територија. Променетиот став на Трамп и оценките дека руската економија е „Хартиен тигар“ го разлутија Кремљ.
„Русија сигурно не е тигар, туку повеќе се поврзува со мечка. Нема хартиени мечки, Русија е вистинска мечка. Тука нема ништо на хартија. Русија ја одржува својата отпорност и макроекономската стабилност“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Лавров се сретна и со унгарскиот колега Сијарто кој претходно од говорницата во ОН ја критикуваше политиката на ЕУ за војната во Украина.
„Ако овие земји кои нè напаѓаа поради нашата позиција се залагаа за прекин на огнот и мировни преговори од самиот почеток, како нас, можевме да спасиме стотици животи и да спречиме уништување. Европа избра лоша стратегија. Наместо да ја изолира војната во Украина, таа се глобализираше“, изјави Петер Сијарто – министер за надворешни работи на Унгарија.
На маргините на самитот Зеленски разговараше со францускиот претседател Макрон и генералниот секретар на НАТО, Руте за неодамнешните воздушни руски упади во воздушниот простор на земјите од алијансата. Макрон не се согласи со ставот на Трамп дека НАТО треба да соборува руски авиони, но нагласи дека одговорот на Алијансата мора да се засили.
Бојана Крстевски
