Данска во состојба на тревога откако неовластени дронови двапати го нарушија нејзиниот воздушен простор
Нов упад на дронови го наруши небото над Данска. Неколку часа беа затворени аеродромите Алборг и Билунд. Власти оценија дека се работи за хибриден напад од професионалци, но засега нема докази дека зад инцидентот стои Русија. Полицијата вели-сите опции се отворени. Земјата воведува построги регулативи за контрола на воздушниот простор. Инцидентот доаѓа само два дена по сличен случај на аеродромите во Копенхаген и Осло...

Данска во состојба на тревога по неовластените дронови кои го нарушија нејзиниот воздушен простор, два пати во една недела. Властите разгледуваат активирање на членот 4 од НАТО откако леталата беа забележани над четири аеродроми, по што привремено беше затворен главниот аеродром Алборг.
„Моравме да го затвориме воздушниот простор преку ноќ. За среќа, беше отворен во 3 часот наутро, што ни овозможува да го управуваме сообраќајот утрово со само две откажувања и едно доцнење“, изјави Мартин Свендсен, генерален директор на аеродромот Алборг.
Патници сведочат дека накратко бил затворен и воздушниот простор над аеродромот Билунд.
„Го прифативме тоа мирно и размислувавме кога би полетале. Дали сме добро, не сум сигурен, знаете можеш да претпоставуваш, или само да чекаш и да видиш што ќе донесе времето. Сè уште не знаеш што точно се случува“, изјави Марк Хумарк, патник од аеродромот Билунд.
Данските власти оценија дека се работи за хибриден напад од професионалци, но засега нема докази дека зад инцидентот стои Русија. Полицијата вели-сите опции се отворени.
„Сè уште не сме сигурни кој стои зад ова, но нема сомнение дека сè укажува на професионален актер кога станува збор за ваква систематска операција на толку локации речиси истовремено. Ова јас би го дефинирал како хибриден напад. Ова се дејствија што би можеле да ја загрозат нашата безбедност и слобода, но важно е да се нагласи дека сè уште нема директна воена закана за Данска“, изјави Троелс Лунд Поулсен, министер за одбрана на Данска.
„Јасно е дека ова е развој на настани не може да продолжи, ова мора да се запре. Вложуваме многу труд со нашите партнери. Постојат многу опции и хипотези за тоа зошто се случуваат овие ситуации, полицијата ги држи сите опции отворени“, изјави Торкилд Фогде, началник на националната полиција.
Министерот за правда најави нов закон за соборување дронови, зајакнување на полициските капацитети и построга контрола на воздушниот простор.
„Ќе ја зајакнеме соработката со научните институции и компании за да изградиме посилни капацитети за ефикасна неутрализација на дронови. Ќе ги прошириме можностите на полицијата со нови и побрзи дронови за откривање, следење и, по потреба, неутрализирање на несакани летала. Работиме и на построга регулатива за контрола на долниот воздушен простор. Владата ќе предложи закон што ќе им овозможи и на сопствениците на критична инфраструктура да имаат право да соборуваат дронови во одредени случаи“, изјави Петер Хумелгард, министер за правда на Данска.
Инцидентот доаѓа само два дена по сличен случај на аеродромите во Копенхаген и Осло.
Бојана Крстевски
