Реакции во јавноста по двојното убиство во Велес
На тврдењата дека на барање на обвинителството, само пет дена пред да го изврши грозоморниот чин, на 39-годишниот скопјанец судот му ја укинал забраната да го напушта домот и да се јавува во полиција, реагираа од Јавното обвинителство.

Не стивнуваат реакциите во јавноста по двојното убиство во Велес. На тврдењата дека на барање на обвинителството, само пет дена пред да го изврши грозоморниот чин, на 39-годишниот скопјанец судот му ја укинал забраната да го напушта домот и да се јавува во полиција, реагираа од Јавното обвинителство.
Од таму тврдат дека обвинителот не побарал укинување на сите мерки. Останала забраната за приближување до оштетените.
На 21-ви мај годинава, Росица го пријавува обвинетиот во велешкото обвинителство дека продолжил да и испраќа пораки и фотографии за да оствари комуникација со неа. Три дена претходно го одзел и го запалил автомобилот на нејзиниот татко. Била издадена наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот.
Од Обвинителството појаснуваат дека полициските постапки траеле и во моментот на извршување на убиството. И доколку би била побарана и определена мерка притвор, со изрекување условна осуда, таа повеќе не би била на сила, односно задолжително би била укината со пресудата на 10-ти септември.
И да бил определен притвор, тој не би бил на сила во моментот на извршување на последното дело, соопштуваат од Јавното обвинителство.
