Блиски Исток

Продолжува израелската офанзива во Газа

25.09.2025 15:49

Дрон на Хутите ја проби израелската одбрана, над дваесетина повредени. Израел продолжува со офанзива во Газа. Нетанјаху во Њујорк ќе го искористи говорот на Генералното собрание на ОН за како што се вели, да ја каже вистината и да ги осуди лидерите кои ја признаа Палестина. Протест на аеродромот пред неговото заминување во САД.

Нов напад со дронови врз израелскиот град Еилат. Над 20 лица се повредени, од кои двајца сериозно. Армијата соопшти дека дроновите дошле од Јемен и се урнале. Хутите изминативе две години постојано напаѓаа цели во Израел со проектили и дронови, во знак на солидарност со Хамас.

„Како одговор на злосторствата што ги изврши израелскиот непријател против нашите браќа во појасот газа и агресијата против нашата земја, спроведовме успешна воена операција со две беспилотни летала постигнувајќи ја својата цел. Ова е втора операција во последните 24 часа“, изјави Јахја Сари – портпарол на војската на Хутите.

Додека продолжува израелската офанзива во Газа со нови експлозии и жртви, Нетанјаху во Њујорк ќе го искористи говорот на Генералното собрание на ОН за како што се вели, да ја каже вистината за Израел и да ги осуди лидерите кои ја признаа Палестина. Ќе се сретне со американскиот претседател Трамп и многубројни светски лидери.

„Ќе ја претставам нашата вистина, ќе ги осудам лидерите кои наместо да ги осудуваат убијците и силувачите, сакаат да им дадат држава во срцето на земјата Израел. Тоа нема да се случи. Со Трамп ќе разговарам за нашата потреба да ги исполниме целите на војната-да ги вратиме сите заложници и да го победиме Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Демонстранти кои протестираа на аеродромот „Бен Гурион“ против израелскиот премиер пред неговата посета на САД побараа негова смена и крај на војната. Упатија апели до претседателот Трамп за ослободување на заложниците.

„Верувам дека Нетанјаху ќе ја блокира секоја шанса за постигнување договор, за спасување на нашите заложници и за запирање на војната. Ние мора да се бориме против него, и да ја вратиме демократијата во Израел“, рече протестант.

Хамас со итно предупредување до израелското раководство дека продолжувањето на воената операција во Газа ја зголемува опасноста за заложниците и побара итно повлекување на израелските сили.

 

 

Катерина Бојаџиева