Политика

Филипче ја објави нацрт-резолуцијата за црвените линии за евроинтеграциите

25.09.2025 17:21

Уставните измени да завршат до 10 февруари, за идентитетските прашања да не се преговара. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја објави нацрт-резолуцијата за црвените линии за евроинтеграциите.

Социјалдемократите ги исцртаа црвените линии за евроинтегративниот процес на земјава. Прифаќање на резолуцијата со консензус побара Филипче, да дадат предлози и другите политички чинители во земјава, но во резолуцијата и предлогот најдоцна до 10-ти февруари следната година да заврши финалното гласање за уставните измени.

Се нагласува дека билатералните прашања поврзани со добрососедските договори, кои не се дел од европското право и копенхашките критериуми, не смеат да бидат услов за отворање и затворање на поглавјата и кластерите во процесот на пристапни преговори со Европската унија.

Веднаш по усвојувањето на уставните измени, како што стои во резолуцијата, владата треба да ја извести Европската комисија дека обврската е исполнета и да побара одржување на меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер „темелни вредности“ најдоцна до 15 февруари 2026.

Премиерот Мицкоски веќе се изјасни дека ќе биде разгледана резолуцијата и дека и тие може да дадат свој придонес во неа.

 

Миле А. Ристески