Авиосообраќај

Радарот на скопскиот аеродром е ставен во функција, ќе се инсталира и новиот купен 2018-та

25.09.2025 17:36

Поправен стариот радар за контрола на летовите на скопскиот аеродром, детектиравме дека 7 години наназад работел само со еден канал – вели министерот Николоски. Ќе се инсталира и новиот купен во 2018-та. Не била доведена во прашање безбедноста на авиосообраќајот, ниту една авиокомпанија не ги откажала летовите, посочи министерот за транспорт и врски.

Радарот на скопскиот аеродром кој во понеделникот се расипа е поправен и од утрово повторно е во функција. Проблемот е решен за краток временски период од три дена, соопшти министерот за транспорт и врски Александар Николоски, при денешната посета на Кавадарци.

Стручните лица откриле дека за период од седум години, радарот работел со еден канал. Со поправката, двата канали биле во функција и за подолг период, немало стравување дека тој ќе откаже.

Николоски потенцира дека ниту една компанија за овие три дена не откажала лет од и за Скопје.

Имало и нов, неотпакуван радар набавен од компанијата „Леонардо“ купен во 2018, кој ќе бил инсталиран наскоро. Министерот Николоски по враќањето од Грција од Атина и средбата со тамошните владини претставници, кажа дека било договарано отворање на нов граничен премин. Најави дека наскоро ќе се потпише договор со државната железничка компанија од Велика Британија, која го одржува метрото во Лондон и која ќе била техничка поддршка на Македонски железници за изградба на брзата пруга.

Петар Печков