Борбите на фронтот продолжуваат, тензии меѓу НАТО и Русија
Москва ги обвини НАТО и Европската унија дека ја користат Украина како параван за водење војна против Русија. Трамп уште еднаш побара европските земји да не купуваат руска нафта, за да се стави крај на војната. Борбите на фронтот продолжуваат …

Украинскиот фронт гори, разгорувајќи ги истовремено и тензиите меѓу НАТО и Русија по низата упади и нарушувања во европскиот воздушен простор. Москва го нарушува меѓународниот поредок-обвини германскиот шеф на дипломатија Вадефул. Се закани дека НАТО е подготвен да одговори на секоја натамошна закана. Берлин порачува – не сме во војна, но, не живееме ниту во мир.
„Тоа е дел од стратегијата на Путин, иако не можеме конкретно да го потврдиме тоа во последниот случај. Но, тоа е дел од она што го доживуваме секој ден. Не сме во војна, но веќе не живееме ни во целосен мир. Под закани сме од хибридни напади во форма на кампањи со дезинформации и невистини – упади со дронови. Тоа е реалноста“, изјави Борис Писториус, министер за одбрана на Германија.
Полска се подготвува да го промени законот за воени мисии во странство, со цел нејзината армија да може да соборува руски летала, како дронови над Украина без претходно одобрение од НАТО или ЕУ. Западот води отворена војна со Русија – предупреди шефот на руската дипломатија.
„Јасен пример е кризата во Украина предизвикана од Западот, преку која НАТО и ЕУ сакаат, и веќе објавија вистинска војна против мојата земја и директно учествуваат во неа“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Војната на Русија против Украина е главниот двигател на нестабилноста – возврати шефицата на европската дипломатија.
„Додека нема знаци дека целта на Русија за потчинување на Украина се променила, ве молам да помогнете во градењето меѓународен притисок врз Русија за да ги запре убиствата и да се вклучи во значајни преговори“, рече Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Американскиот претседател Трамп на средбата со турскиот колега Ердоган побара Анкара да се дистанцира од Москва во енергетскиот сектор и да не купува руска нафта.
„Би сакал да престанете да купувате руска нафта додека Русија продолжува со своите напади во Украина. Тоа е најдоброто нешто што може да го направите. Веќе изгубија милиони животи, за што? Срамно. И претходно реков, нека продолжи, затоа што руската економија сега е во очајна состојба“, нагласи американскиот претседател, Доналд Трамп.
Од Кремљ велат дека забележуваат промени во реториката од Вашингтон, но се надеваат дека Трамп сè уште има волја за постигнување мирно решение за Украина.
Бојана Крстевски
