Економија

Уште една успешна година за Македонската берза

26.09.2025 14:14

И покрај геополитичката криза Македонската берза успешно функционира, за што говори информацијата дека во првите девет месеци од годината е остварен промет од сто милиони евра, што е приближно колку во две илјади и дваесет и четвртата година, која се смета за најуспешна во последните десет години. Берзата добива голема поддршка од Министерството за финансии, а за тоа говори потпишаниот Меморандум за соработка со седум членки на Европската унија.

Во првите девет месеци од годинава на Македонската берза е остварен вкупен промет од околу сто милиони евра, што споредено со лани, истиот период е помалку за само шест милиони евра. Ако се знае дека минатата година се смета за најуспешна во последната година, тоа за берзата е добро постигнување, бидејќи живееме во време на геополитички турбуленции и макроекономски предизвици.

„Ценовните движења продолжија со бавен пораст, индексот главен МБИ 10 оваа година е пораснат за 2,5 проценти, но да се потсетиме дека индексот на раст е во континуитет и на пример ако го споредиме со неговата вредност пред пандемската 2019-та е пораснат за 125 проценти, што е одлична перформанса“, изјави Иван Штериев – главен извршен директор на Македонска берза.

Министерството за финансии активно работи за да заживее пазарот на капитал, бидејќи тоа е потенцијален извор на финансии за голем дел на компании, особено оние коишто немаат пристап до традиционалното финансирање од банкарскиот сектор. Поради тоа Министерството за финансии потпиша Меморандум за соработка со седум членки на ЕУ, што ќе придонесе за интегрирање на пазарите во Југоисточна Европа.

„Активно се работи на тој процес и верувам дека во периодот што следи, навистина преку промени во даночната легислатива, но и заедничко работење со Македонската берза ќе успееме да го заживееме пазарот. Јас би рекла во насока сега на обезбедување на дополнителни средства за компаниите или како извор за финансирање преку издавање на акции и обврзници“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии.

Тоа според министерката Димитриеска Кочоска е целта на Министерството за финансии на што активно се работи, со што ќе имаме поуспешни компании кои полесно ќе стигнуваат до дополнителен капитал.

 

Сашо Нелоски