Малиот број донори, пречка за повеќе трансплантации
Во година и половина направени се 4 кадаверични трансплантации. Македонија заостанува зад европскиот просек во трансплантации, но причина број еден е малиот број на донори. Здруженијата велат итна е потребна национална кампања за зголемување на свеста за органодарување …

Во изминатава година и половина направени се вкупно 4 кадаверични трансплантации, осум пациенти добија бубрег, од починат донор. Листата на оние кои чекаат трансплантација е долга, ги има околу 170 лица, а меѓу нив и деца на 15 годишна возраст.
Македонија заостанува зад европскиот просек во трансплантации, но причина број еден е малиот број на донори.
„Во однос на процесот на трансплантација ние треба да се согледуваме на другите европски држави каде што бројката на трансплантирани болни изнесува некаде околу 30 до 40% од вкупните пациенти коишто побаруваат терапија. За жал во Македонија бројката е некаде околу 13-14% од вкупните волни. Ние заедно со координаторката работиме постојано да се зголеми бројката на трансплантирани пациенти“, вели Д-р Никола Ѓоргиевски директор на Клиника за нефрологија.
Покрај бубрези годинава се трансплантирани 4 црни дроба, направени се и 20 трансплантации на коски, лигаменти, коскените ткива и што е најважно сите се успешни. За жал не е направена ниту една трансплантација на срце поради некомпатибилност, но и одбивање од страна на пациентите.
„Од јануари до сега ние сме детектирале 12 пациенти со мозочна смрт. Дел сме ги елиминирале од медицински причини има критериуми, кој може, кој не може да биде донор. Дел не дале согласност. Сме ги трансплантирале тие што дале согласности, коишто имале исклучително здрави органи. Бројката секогаш треба да се зголемува“, вели д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Здруженијата велат итно е потребна национална кампања за зголемување на свеста кај граѓаните за органодарување.
„Значи, потребен е во поставување на еден систем, траен, кој нема да зависи од желбата и ентузијазмот на докторите. Затоа што, ако тој систем ќе биде добро инсталиран, тој ентузијазам со време ќе спласне и, како еден од најголемите проблеми, е потребна една државна кампања, за органодарителството“, вели Душко Ѓоргиев претседател на здружението НЕФРОН.
Во земјава има 1.400 пациенти на дијализа, според нив потребно е зголемување на бројот на кадаверичните трансплантации, подобрување на дијализата, како и реновирање на центарот за трансплантација.
Соња Рилковска
