Законски измени

Казни за несовесните пешаци, возачи на велосипед и тротинет

26.09.2025 17:16

Пешаците, велосипедистите и возачите на електричен тротинет од денеска треба да внимаваат. Почнаа да важат новите правила од Законот за безбедност во сообраќајот со кои, користењето слушалки или телефон додека се поминува улица или се користи велосипедска патека ќе се казнува и до 50 евра…

Ако поминувате на пешачки премин и притоа користите мобилен телефон ќе добиете казна од 40 евра, доколку возите велосипед или тротинет казна од 50 евра, според измените на Законот за сообраќај, кој веќе е на сила.

Но, дел од граѓаните не беа информирани. На улиците, речиси и да немаше пешак или возач на велосипед и тротинети без слушалки или со телефон в рака.

На првиот ден, немаше казни, само опомени дека користењето мобилен во сообраќајот ги намалува вниманието и концентрацијата и ја загрозува безбедноста. А, кога сами не можеме да се контролираме, тука се надлежните да ја разбудат нашата совест како учесници во сообраќајот преку закони, опомени, санкции. Полициските службеници со засилени контроли низ цела држава.

Од Нова година, пак, треба да профункционира и системот „Безбеден град“, кој преку камери и видеонадзор ќе открива сообраќајни прекршоци. Со новите мерки, властите очекуваат да се зголеми вниманието на пешаците и возачите, а граѓаните да бидат посвесни дека и мало невнимание може да има сериозни последици.

Александра Велинова