Премиерот очекува акција од Брисел, СДСМ бара поддршка за резолуцијата
Преземените обврски од претходната влада не ги игнорираме, но, очекуваме робусна акција од Брисел кон Софија за добивање гаранции дека ќе нема нови условувања и за почитување на правата на македонското малцинство. Без тоа, нема уставни измени. Премиерот Мицкоски ги потврди позициите, притоа оценувајќи дека предложената резолуција од СДСМ има сериозни фалинки. Од партијата велат, документот е за обединување, не за поделби.

Без гаранции нема уставни измени – премиерот Мицкоски очекува Брисел да преземе робусна акција кон Софија, за добивање гаранции дека ќе нам нови условувања на нашиот евроинтегративен пат, но примена на пресудите на Меѓународниот суд за човекови права за нашинците во Бугарија. Обврските преземени од претходната Влада не ги игнорираме, но, и не гледаме дека Софија нешто прави во делот на нејзините обврски, вели македонскиот премиер.
Премиерот го повтори ставот дека нацрт-резолуцијата, предложена од СДСМ содржи историски фалсификати и посочи дека за документот ќе се изјасни по локалните избори. СДСМ, пак, прати порака дека резолуцијата има цел да обединува, а не да внесува раздор во македонското општество.
И власта и опозицијата оставаат време да поминат локалните избори за внимателно да се разгледа документот.
Борис Грујоски
