Свирежи и бојкот пред говорот на Нетанјаху во ОН
Нетанјаху ги осуди државите кои ја признаа Палестина. Пред неговиот говор во Обединетите нации дел од присутните ја напуштија салата...

Договорот за Газа е многу блиску, потенцира американскиот претседател. Според Трамп, заложниците ќе бидат вратени, а војната заменета со мир.
„Мислам дека ќе имаме договор за Газа. Ќе биде договор што ќе ги врати заложниците и ќе ја заврши војната. Ќе биде мир“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Свирежи и бојкот пред говорот на Нетанјаху на Генералното собрание на Обединетите нации. Околу стотина делегати од различни земји ја напуштија салата во знак на протест против неговата политика. Израелскиот премиер упати благодарност до Трамп за акциите против Иран. Останува на ставот дека војната во Газа ќе трае додека Хамас не биде уништен.
„Нашите непријатели се и ваши непријатели. Последните остатоци од Хамас, се кријат во градот Газа. Тие велат дека ќе ги повторат злосторствата од 7-ми октомври, без разлика колку се намалени нивните сили, затоа Израел мора да ја заврши работата против Хамас во Газа што е можно побрзо. Сега им велам – положете го оружјето, ослободете ги сите заложниците“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Израелската војска потврди дека распоредила девет разгласни системи кои за жителите на Појасот Газа го емитуваа говорот на Нетанјаху.
Демонстранти на Тајмс Сквер, протестираа против континуираната израелска офанзива во Газа. Со транспаренти повикуваа на прекин на војната.
Катерина Бојаџиева
