26 години од најдолгата мисија на НАТО на Косово
Безбедносната состојба во регионот се менува, ситуацијата на Косово сè уште бара воено присуство на КФОР како гарант за стабилност, годинава контигентите се дополнително засилени, вели Генерал-мајор Енрико Бардуани. Учествуваат и 67 македонски војници распоредени во мултинационалните сили на западниот дел на земјата.

26 години постои најдолгата мисија на НАТО на Косово-КФОР. Во 1999 година, силите на НАТО влегоа на Косово со мандат на Обединетите нации согласно со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност.
Ситуацијата сè уште бара воено присуство на КФОР на Косово како гарант за мир, стабилност за сите заедници што живеат на Косово. Денеска во составот на силите на КФОР има над 4.600 припадници од 33 држави, земји партнери и сојузници. Оваа година дополнителни контингенти од Белгија, Луксембург, Холандија и Словачка се приклучија на КФОР со што дополнително ги засилија капацитетите и посветеноста на меѓународната заедница за стабилноста на Косово, вели командантот на КФОР за МТВ.
„Безбедносната ситуација во регионот континуирано се менува, а со тоа и предизвиците за сите нас. Но КФОР останува внимателен, добро обучен и секогаш подготвен да одговори на сите релевантни развои на ситуацијата на теренот. Гледајќи во иднина, КФОР ќе продолжи да ја одржува флексибилноста и ќе продолжиме да се адаптираме како што е потребно додека остануваме дел од колективниот напор на меѓународната заедница со крајна цел создавање на услови за безбедност на сите народи и заедници што живеат на Косово. Она што сигурно нема да го смениме е нашата посветеност на нашиот мандат како доверлива и кредибилна сила, што е КФОР.“, изјави генерал-мајор Енрико Бардуани-командант на НАТО мисијата на Косово-КФОР.
Во силите на КФОР учествуваат и 67 македонски војници. Македонската армија и пред членството во НАТО обезбедуваше логистичка поддршка на силите на КФОР, а како НАТО сојузник веќе 5-та година неколкупати го зголеми македонскиот континент во КФОР.
„Како 29-ти командант на НАТО предводена мисија на Косово-КФОР денеска сум среќен да ги поздравам нашите соборци од Северна Македонија и да им се заблагодарам за нивната секојдневна одлична служба во КФОР. Северна Македонија е долготраен придонесувач на нашата мисија. Прво како НАТО партнер и во последните години како полноправна членка на НАТО секогаш носена од одлучна цврста посветеност на нашата заедничка цел да придонесат за безбедна и сигурна средина за сите луѓе и заедници што живеат на Косово и да гарантираат слобода на движење.“, изјави генерал-мајор Енрико Бардуани-командант на НАТО мисијата на Косово-КФОР.
Дел од македонскиот континент на Косово е вод за обезбедување на мултинационалниот баталјон распореден во западниот дел на Косово во Пеќ со мисија да придонесе за сигурна и безбедна средина за сите жители коишто живеат во Косово во секое време и непристрасно.
Македонските мировници во КФОР имаат разни видови на обуки за одржување на оперативното ниво, како што се обуки за справување со толпа и немири и обуката за фобија од пожар при која војниците се изложени на високи температури. Секоја мисија носи потешкотии, но и се учат лекции што можат да се искористат, велат од македонскиот континент при КФОР.
КФОР останува единствената воена сила на Косово што тесно соработува со другите меѓународни мисии, Еулекс, ОБСЕ, ООН, косовските безбедносни сили и српската армија.
Ирина Гелевска
