Блиски Исток

Протече планот на Трамп со решение за ситуацијата во Газа

27.09.2025 12:40

По серијата средби со лидери од Блискиот исток Трамп најави решение за ситуацијата во Газа. Протече план од 21 точка за крај на војната кој предвидува итен прекин на судирите, ослободување на сите заложници и разоружување на Хамас. Иницијативата за решение на војната доаѓа во момент на притисоци за одржливо решение за еден од најдолготрајните конфликти во поновата историја на Блискиот исток. На фронтот, израелската офанзива продолжува...

По средбите со лидерите на Блискиот Исток, протече планот на американскиот претседател од 21 точка за крај на војната во Газа. Документот предвидува итен прекин на судирите, ослободување на сите заложници, постепен пренос на власта во Газа, како и разоружување на Хамас. За возврат, припадниците на милитантна група би биле помилувани доколку се согласат на разоружување и напуштање на Газа. САД би гарантирале дека Израел нема да го анектира Западниот брег, а двете страни би се обврзале да ги обноват преговорите за конечниот статус на израелско-палестинскиот конфликт.

„Мислам дека можеби имаме договор за Газа, многу сме блиску до договор. Ќе ве известиме. Мислам дека тоа е договор што ќе ги врати заложниците, договор ќе ја заврши војната. Ќе биде договор што ќе донесе мир“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

На фронтот, израелската офанзива против милитантните групи продолжува. Поради влошената безбедносна состојба, „Лекари без граници“ ги прекинаа активностите. Говорот во ООН на Нетанјаху во кој тврди дека признавањето на палестинска држава од западните земји е лудо, освен од дел од меѓународната заедница, осуден и од жителите на Газа.

„Одлуката во врска со палестинска држава не е на Нетанјаху и без разлика дали му се допаѓа или не, порано или подоцна палестинскиот народ ќе добие независност и ќе има суверена држава“, изјави раселен од Газа.

„Во својот говор Нетанјаху рече дека нема да има палестинска држава. Ние сме палестинска држава и сме признати од Арапите и на меѓународно ниво“, рече раселен од Газа.

„Исцрпени сме. Војната трае веќе две години и сме многу уморни бидејќи се раселуваме од едно место на друго, нема работа, а животот е многу тежок. Се надеваме дека војната ќе заврши“, изјави раселен од Газа.

Десетици илјади Јеменци се собраа на масовни демонстрации за поддршка на Газа и против израелските воздушни напади што се случија ден претходно.

„Повторно сме обединети со Газа. Израелскиот напад врз Јемен нема да не обесхрабри, ниту ќе нè спречи да продолжиме да ги поддржуваме жителите на Газа“, изјави Али Махаб, член на Врховниот политички совет на Јемен

Иницијативата за решение на војната на Блискиот исток доаѓа во момент кога меѓународната заедница се соочува со притисоци да пронајде одржливо решение за еден од најдолготрајните конфликти во поновата историја.

Маријана Димовска