Недостигот на кадар, предизвик број еден во здравството
Дефицит на медицински сестри, лаборанти, болничари и лекари. Се продлабочува проблемот со недостиг на кадар во здравството. Покрај платите, причина за недостигот е и кариерниот развој, работната средина.

Недостигот на кадар, предизвик број еден во здравството. Алармантна е состојбата со медицинските сестри, во болниците ширум земјава недостигаат околу 6.000. Во Агенцијата за вработување се впишани 720 невработени медицински сестри, но дел од нив се ангажирани со договор на дело во болниците, а поголем дел веќе ја напуштиле професијата.
„Значи тие не заминуваат само заради тоа што имаат недостаток во личните доходи, имавме неколку покачување на платите, имаат додатоци коишто, ајде да кажеме, се поместени во точката од којашто се. Меѓутоа, здравата работна околина не ја чинат само финансиите. Тука е признавањето на професијата, препознавањето, безбедността во работата, кариерниот развој, многу важен за медицинските сестри“, вели Гордана Бешлиовска претседателка на Унијата на Здружението на медицинските сестри.
Голем предизвик е и недостигот на медицински лаборанти. Причината се платите, кои кај нас се движат од 600 до 800 евра, а во странство се три до четири пати повисоки.
„Недостигот на кадар е прво, заради тоа што голем дел од медицинските лаборанти си ја наоѓаат среќата и подобриот живот надвор од земјата, на жалост. Јас, на пример, имам 36 години искуство во една врвна институција, но треба да имам млади на коишто треба да пренесам тоа мое искуство“, вели Ивица Апостолов, претседател на Здружението на медицински лаборанти.
Недостигаат и лекари специјалисти, анестезиолози, педијатри, патолози, радиолози и онколози се меѓу најдефицитарните во државата.
„Ова не се случува поради тоа што, првен како професија, целиот здравствен систем е ставен на маргините. Ако веќе тежнееме кон капитализам, тогаш треба и плаќањето на персоналот да биде како што е во тие држава. Тоа е една од причините, значи материјалната сатисфакција на работните, и вториот можеби исто така значаен проблем, тоа е начинот на којшто се вработува“, вели Д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија.
Во лекарската комора, лани биле регистрирани 9.777 лекари со активни лиценци, а годинава нивниот број се намалил на 9.268.
Соња Рилковска
