Македонија

Велешани не се откажуваат од подготовката на зимницата

28.09.2025 13:55

И годинава на масата на велешани ќе се најде зимницата. Домаќинките оптимистички најавуваат дека ќе ја подготват, производителите велат се купува ама не така како претходнтеи години, иако цените годинава се пониски од ланските...

На трпезата на повеќето велешани и годинава ќе се најде зимницата. Ајвар, лутеница, туршија, од се по нешто, но ќе ја има. Ова се оптимистичките најави на анкетираните, на градскиот пазар во Велес. Тие овој пат беа во извидница, за да ги проверат цените, и кога од среда ќе легне, покачената за илјада денари пензија, стратешки да се знае од каде што ќе се купува. Од каде црвената пиперка, каде црниот патлиџан, доматите, кој има најдобра цена а кој најквалитетен род.

И купувачите и продавачите потврдуваат дека годинашните цени се на ланско ниво, некои дури и пониски, иако многу од трошоците за живот отидоа далеку повисок. Така лани црвената пиперка била 80, годинава ја има и за 50, доматот овој период лани бил 80, деновиве го има за 50 денари килограм. Одгледувачите велат се купува, не така како годините претходно, но се пазари.

Следните два викенди за велешани ќе бидат работни, во подготовка на зимницата, иако вториот викенд месецов е велешката Питијада.

 

Петар Печков