Здравство

Со температурни осцилации растат респираторни инфекции

28.09.2025 16:26

Стомачните вируси се намалија, но ниските температури и периодот на врнежи, ги зголемија респираторните инфекции. Инфективното одделение во Куманово веќе регистрира вакви случаи...

Ниските утрински температури, но и периодот на врнежи, веќе го зголемуваат обемот на работа на инфективниот оддел во кумановската болница. За овој периоден период карактеристична е појавата на риновирусите. Граѓаните најчесто се жалат на симптоми на главоболка, температура, општа слабост. Лекарите објаснуваат дека причините за овие здравствени тегоби се поврзани со нестабилните временски услови. Со намалување на денот и сончевата светлина, внесувањето на витаминот Д, физичката активност, паѓа и имунитетот.

„Малаксаност, течење на нос, болки во тело, главоболка, додека постепено со затворање на луѓето во затворени простории и нивниот зголемен контакт почнува да се појавува грипот, така што во зимските месеци ќе го достигне својот пик, сега постепено се појавува“, истакна д-р Валентина Џартовска, началничка инфективно одделение кумановска болница.

Превенцијата опфаќа сет мерки меѓу кои исхрана базирана на овошје и зеленчук. Одржувањето на хигиена, и контактите се важни, но и физичката активност.

„Треба да се одржува една физичка активност, да не се затвораат луѓето дома и влажниот воздух придонесува за задржување на вирусите подолго време во просторот и затворање дома исто така, и поголемата можност од респираторни инфекции во кои спаѓаат и овие, така што проветрување дома, избегнување на блиски контакти“, дополни Џартовска.

Бројот на стомачните вируси е намален со падот на температурата, но тие продолжуваат во текот на целата година.

Освен користењето витамини, здравствените работници апелираат и да се избегнува стресот, како важен елемент за одржување на нормален имунолошки систем.

 

Елена Георгиевска