Украина-Русија

Масовни руски напади врз Киев

28.09.2025 12:05

Сирени за воздушна тревога во речиси цела Украина. На удар одново Киев и Запорожје. Русија во текот на ноќта изврши голем напад со беспилотни летала и ракети. Вчера украинскиот претседател објави дека е постигнат договор со САД за оружје вреден 90 милијарди долари. Зеленски се закани дека што и да стори Москва, Киев ќе возврати. Рускиот шеф на дипломатијата истакна дека неговата земја не насочува дронови и ракети кон европските земји, но призна дека сепак се случуваат инциденти.

Со стотици беспилотни летала и ракети, Русија изврши масовен напад во Украина. Воздушна тревога прогласена низ целата земја. Има жртви и повредени. Најпогоден е Киев, од граѓаните беше побарано да останат во засолништа. На удар одново и Запорожје. Поради нападите, Полска ги активираше борбените авиони за да го обезбеди својот воздушен простор и ги стави копнените системи за противвоздушна одбрана во состојба на готовност.

„Немаше муштерии, освен двајца вработени. Едниот е добро, девојката беше повредена, ја однесовме во болница, се е во ред.“, изјави менаџер на бензинската пумпа.

„На почетокот, на 6-ти кат некаде се слушна тресок, некаде во далечина. Отидовме во ходник со трите деца и тогаш сè се затресе. Имаше чад, оган, веднаш истрчавме“, изјави жителка на оштетената зграда, раселено лице.

Нападите следуваат откако украинскиот претседател објави договор за оружје вреден 90 милијарди долари со САД и предупреди за опасни унгарски разузнавачки активности на украинска територија. Зеленски рече дека што и да стори Москва, Киев ќе возврати.

„Русија мора јасно да разбере дека цивилизираните земји се разликуваат од варварските по тоа што тие никогаш не напаѓаат први и не се агресори. Но, тоа не значи дека се слаби. Ако има закани за прекин на електричната енергија, на пример, во главниот град на Украина, тогаш оние во Кремљ мора да знаат дека ќе има прекин на електричната енергија во главниот град на Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Рускиот шеф на дипломатијата ги отфрли обвинувањата за намерно кршење на воздушните простори на земјите од НАТО и ЕУ. Лавров рече дека неговата земја не ги насочува своите беспилотни летала и ракети кон европските земји, но призна дека сепак се случуваат инциденти. По говорот на Генералното собрание на ООН, министерот предупреди за какви било обиди за соборување летачки објекти во воздушниот простор на Русија.

„Ако има обиди да се собори каков било летачки објект и каков било објект воопшто над нашата територија, во нашиот воздушен простор, мислам дека луѓето многу ќе зажалат ако го извршат најфлагрантното кршење на нашиот територијален интегритет и територијален суверенитет“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Изјавата на Лавров е во услови на зголемени тензии, откако Полска, Романија и Естонија пријавија руски воздушни упади, а сомнителни дронови беа регистрирани во Данска и во Шведска. Началниците на генералштабовите на земјите-членки на алијансата ја истакнаа опасноста од ескалаторските активности на Москва. НАТО соопшти дека ќе ја зајакне мисијата во Балтикот со фрегата за воздушна одбрана и други системи како одговор на упадите со беспилотни летала.

 

Маријана Димовска