„Голем формат“ - групна изложба на ДЛУМ
Големиот формат отсекогаш претставувал повеќе од технички избор – тој е израз на амбиција, на желба да се надмине границата меѓу интимното и колективното, меѓу просторот на делото и просторот на гледачот, велат од Друштвото на ликовни уметници.

Во вторник на 30-ти септември во Музејот на Град Скопје, ќе се отвори групната изложба „Голем формат“.
„Голем Формат“ го поставува прашањето за моќта на димензиите во современата уметничка продукција. Големиот формат отсекогаш претставувал повеќе од технички избор – тој е израз на амбиција, на желба да се надмине границата меѓу интимното и колективното, меѓу просторот на делото и просторот на гледачот, велат од Друштвото на ликовни уметници.
Во оваа поставка, големиот формат се појавува како монументален простор, но не во смисла на класичен монумент, туку како поле на слободно движење, каде енергиите се прелеваат меѓу телото, просторот и времето. Тука уметничкото дело не е само објект, туку и состојба на активно искуство – оној „простор во мене, јас во просторот“ што станува личен и колективен чин на присуство.
Оваа изложба е, пред сè, покана за искуство – искуство на форма што се протега надвор од рамката, искуство на обем што го преобликува просторот, искуство на уметноста која зборува со интензитет и со гласот на својата димензија, вели проф. д-р Маја Рауник Кирков, Претседател на Уметнички совет на ДЛУМ.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 8-ми октомври.
