Европа

Неидентификувани дронови над Европа

29.09.2025 11:47

Данска ги затвори аеродромите за сите цивилни дронови, откако непознати летала беа забележани во близина на неколку воени објекти. Забраната ќе трае до петок. Синоќа, беспилотни летала го нарушија воздушниот сообраќај на аеродром во Шпанија. Измината недела сомнителни дронови беа регистрирани и во Шведска, Норвешка и Холандија. Украинскиот претседател ја обвини Русија за лансирање беспилотни летала против европските земји од флоти во сенка. Во меѓувреме Вашингтон објави дека ја разгледува одлуката за испраќање ракети со долг дострел во Украина...

САД го разгледуваат барањето на Украина за набавка на ракети „Томахавк“ со долг дострел, изјави потпретседателот, Венс. Украинскиот претседател неодамна побара од Вашингтон да им продадат ракети на европските земји кои подоцна би биле испратени во Киев. Конечната одлука ќе се донесе претседателот Трамп. Претходно Зеленски објави договор за оружје со САД од 90 милијарди долари.

Отсекогаш сум велел дека сакам Европејците да се заложат на поголем начин. Сакав ние, Соединетите Држави, да престанеме да фрламе пари и оружје во конфликт кој беше толку далеку, кога чувствував дека Европејците, со сето должно почитување кон нив, всушност не го преземаат својот фер дел од товарот. Сега Европејците купуваат оружје од Соединетите Држави, наместо ние да го даваме. На прашањето за „Томахавк“, тоа е нешто за што претседателот ќе донесе конечна одлука“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

По викенд нападот врз Украина со стотици дронови, Зеленски изјави дека Русија ги отфрлила сите вистински мировни предлози и поради тоа заслужува посилен притисок. Украинскиот претседател ја обвини Русија за лансирање дронови против европските земји од флоти во сенка.

„Постојат разузнавачки информации кои укажуваат дека Русите користат танкери за лансирање и управување со дронови против европските земји. Ова е уште еден доказ зошто Балтичкото Море и другите мориња мора да бидат затворени за руски танкери, барем за флотата во сенка“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Данска ги затвори аеродромите за сите цивилни дронови, откако непознати летала беа забележани во близина на неколку воени објекти. Забраната ќе трае до петок, во периодот кога земјата е домаќин на европските лидери поради претседавањето со ЕУ и самитот на Европската политичка заедница, форум основан по руската инвазија во Украина во 2022 година. Измината недела сомнителни дронови беа регистрирани и во Шведска, Норвешка и Холандија. Синоќа, беспилотни летала го нарушија воздушниот сообраќај на аеродром во Шпанија.

„Персоналот на вооружените сили ја извести полицијата, нивниот безбедносен тим ги забележал. Имаше извештај за дронови, јужно од пистата“, изјави Матис Хамборг, полициски округ Тронделаг, Норвешка.

Како одговор на зголемените закани, алијансата објави засилување на мисијата во Балтичко Море со испраќање фрегата за воздушна одбрана и дополнителни средства за следење и надзор. Претходно, рускиот шеф на дипломатијата ги отфрли обвинувањата за намерно кршење на воздушните простори на земјите од НАТО и ЕУ, но призна дека сепак се случуваат инциденти.

Маријана Димовска