Украина

САД ја разгледува одлуката за испраќање ракети со долг дострел во Украина

29.09.2025 19:00

Вашингтон објави дека ја разгледува одлуката за испраќање ракети со долг дострел во Украина. Од Кремљ велат дека ги анализираат потенцијалните закани и бараат објаснување кој, каде и како ќе ги насочува ракетите. Претходно, украинскиот претседател ја обвини Русија за лансирање беспилотни летала против европските земји од флоти во сенка...

САД го разгледуваат барањето на Украина за набавка на ракети „Томахавк“ со долг дострел. Украинскиот претседател неодамна побара од Вашингтон да им продадат ракети на европските земји кои подоцна би биле испратени во Киев.

„Сакав ние, Соединетите Држави, да престанеме да фрламе пари и оружје во конфликт кој беше толку далеку. Сега Европејците купуваат оружје од Соединетите Држави, наместо ние да го даваме. На прашањето за „Томахавк“, тоа е нешто за што претседателот ќе донесе конечна одлука“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Од Кремљ велат дека ги разгледуваат потенцијалните закани за тоа кој ќе биде вклучен во процесот по што ќе утврдат контра-позиција.

„Прашањето е кој може да ги лансира овие ракети, дури и ако завршат на територијата на режимот во Киев? Дали само Украинците можат да ги лансираат или треба да го стори тоа американската војска? Кој го одредува насочувањето на овие ракети – Американците или самите Украинци? Потребна ни е длабинска анализа“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

По нападот со стотици дронови викендов, Зеленски изјави дека Русија заслужува посилен притисок и обвини дека Москва лансира дронови во европските земји од флоти во сенка.

„Постојат разузнавачки информации кои укажуваат дека Русите користат танкери за лансирање и управување со дронови против европските земји. Ова е уште еден доказ зошто Балтичкото Море и другите мориња мора да бидат затворени за руски танкери, барем за флотата во сенка“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Данска ги затвори аеродромите за сите цивилни дронови, откако непознати летала беа забележани во близина на неколку воени објекти. Измината недела сомнителни летала беа регистрирани и во Шведска, Норвешка и Холандија, Шпанија. Алијансата објави засилување на мисијата во Балтичко Море.

Маријана Димовска