Ѓорѓиевски: Скопје ќе биде исчистен за 72 часа
Кандидатот за градоначалник на Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја претстави својата визија за хуман, зелен и европски развој на градот за периодот 2025-2045. Тој најави дека веќе во првите 72 часа од мандатот ќе започне акција за чистење и подобрување на хигиената, а целосната програма се темели на реални проекти за чист воздух, современ третман на отпадот, јавна безбедност и европски стандарди во урбанизмот. Ѓорѓиевски најави формирање на совет за урбан развој и урбан центар Скопје, како гаранција дека градот ќе се врати во рацете на граѓаните, додека во Прилеп кандидатот Дејан Проданоски најави подобрувања во инфраструктурата со цел подобар живот за граѓаните …

Ќе создадеме визија за Скопје 2025-2045, за хуман, зелен и европски развој на градот, порача кандидатот за градоначалник на Скопје на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Тој на првата прес-конференција од почетокот на изборната кампања, најави амбициозни планови за главниот град. Рече дека ако биде избран, веќе во првите 72 часа ќе почне акција за чистење и подобрување на хигиената, која ќе ги опфати сите општини во градот.
Според Ѓорѓиевски, состојбите во Град Скопје биле мотив за да се вклучи во трката, за да се претвори она што тој го нарекува „руинирана состојба“ во град на кој сите ќе се гордеат.
Ѓорѓиевски истакна дека располага со силен тим експерти од домашни и меѓународни сфери, кои ќе работат на реализирање на ветувањата.
Ѓорѓиевски напомена дека јавноста наскоро ќе види конкретни промени и дека неговата визија за Скопје не е само реторика, туку дека ќе се базира на акција и реални резултати.
Тој додаде дека вториот столб е здрава животна средина и биодиверзитет во кој е план за чист воздух, за современ третман на отпадот и за конечно решение за депонијата Дрисла.
Седмиот столб, според него, се јавната грижа и безбедноста при што Скопје мора да биде сигурност за секој човек.
Ѓорѓиевски најави и дека ќе биде формиран Совет за урбан развој, составен од врвни архитекти, инженери, експерти и претставници на граѓанскиот сектор.
Тој Совет, според него, ќе биде гаранција дека ќе има европски стандарди во урбанизмот, транспарентност и јавна отчетност. А за да се врати градот во рацете на граѓаните, ќе го создадеме Урбан Центар Скопје – јавно претпријатие што ќе ги изработува планските документи професионално и транспарентно, додава кандидатот за градоначалник на Скопје на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски
Подобро место за живеење ќе добијат и прилепчани, особено во инфраструктурата, со сета поддршка од владата, порача кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски.
Прва станица за кампањата за локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ е главниот град.
Борис Грујоски
