До крајот на седмицата ќе заврши оценката на обвинителниот акт, најавија од Кривичен
Основниот кривичен суд во Скопје соопшти дека до крајот на оваа недела се очекува да ја заврши оценката на обвинителниот акт за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, а над 200 беа повредени. Станува збор за предмет со 37 обвинети, застапувани од 33 бранители, а роковите за приговор истекуваат на 3 октомври. Премиерот Христијан Мицкоски денеска го искористи случајот за да го нападне Јавното обвинителство, најавувајќи дека сите кои имаат каква било поврзаност со трагедијата мора да одговараат пред лицето на правдата …

Откако странките, бранителите на обвинетите во предметот, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани го добиле обвинителниот акт, рокот за приговори истекува на 3-ти октомври, петок. По ова може да се очекува оценка на обвинителниот акт и ако Основен кривичен суд Скопје го прифати, ќе треба според АКМИС системот да се распореди на претседател на Судечки совет, кој ќе постапува по предметот. По неговата поделба ќе биде закажана главна расправа, со ден и час за судење.
„Во текот на изминатите неколку месеци, доставата кај дел од адвокатите и претставниците на правните лица не можеше да се реализира навреме, односно и покрај најавите од судот дека актот ќе им биде доставен директно во нивните канцеларии заради поголема ефикасност во постапувањето, истите беа отсутни. Заради тоа доставата, а со тоа и роковите за приговор, непотребно се одолговлекуваа. Со оглед да во овој момент, сите обвинети и нивни бранители го имаат примено обвинителниот акт, и на 03.10.2025 година истекуваат сите Законски рокови за прием и достава на приговор, со што се исполнуваат сите услови за оцена, па се очекува актот до крајот на неделата да биде оценет“ – соопштија од Основен кривичен суд Скопје.
Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека и тој е незадоволен од работата на обвинителството, поради што во Собранието поддржале смена на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Пожарот во дискотеката ПУЛС во Кочани се случи на 16-ти март, во кој смртно настрадаа 62 пред сè млади лица, 200 беа потешко или полесно повредени. Обвинителството на 13-ти јуни до Кривичен суд Скопје го поднесе обвинителниот акт, со кој се опфатени 37 што правни што физички лица.
Петар Печков
