БЛИСКИ ИСТОК

Трамп и Нетанјаху се согласија за новиот мировен план за Газа, бараат и Хамас да го прифати

30.09.2025 08:20

Планот предвидува итен прекин на воените операции, ослободување на заложниците и палестинските затвореници во рок од 72 часа. Нацртот потенцира дека милитантната група нема да има никаква улога во управувањето со Газа.

Американскиот претседател и израелскиот премиер се согласија за новиот мировен план на САД за Газа и го предупредија Хамас да го прифати. Планот предвидува итен прекин на воените операции, ослободување на заложниците и палестинските затвореници во рок од 72 часа. Нацртот потенцира дека милитантната група нема да има никаква улога во управувањето со Газа.

„Арапските и муслиманските земји се обврзаа да ја демилитаризираат Газа веднаш. Тунелите и производствените капацитети на Хамас и другите терористички групи ќе бидат уништени, а Израелските одбранбени сили би се повлекле од Газа во фази. Ако не се оствари договореното, Израел и Нетанјаху ќе имаат целосна поддршка од САД, за да ја завршат работата и да го направат тоа што мора да се направи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Нетанјаху тврди дека планот ќе овозможи Газа никогаш повеќе да не претставува закана за Израел.

„Правиме клучен чекор кон завршување на војната во Газа и поставување на основа за унапредување на мирот на Блискиот Исток и надвор од него, во многу важни муслимански земји. Го поддржувам планот за завршување на војната во Газа, со што се постигнуваат нашите воени цели. Ќе ги вратиме во Израел сите наши заложници, ќе ги демонтираме воените капацитети на Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во 20 точки, меѓу другото се предвидува и да се формира „одбор за мир“ за надгледување на спроведувањето на планот. Хамас сè уште не го добил мировниот предлог.