Блиски Исток

Европските и блискоисточните лидери го поздравија мировниот план на Трамп за Газа

30.09.2025 09:53

Нетанјаху го прифатил планот на Трамп за завршување на војната во Газа. Предупредување до Хамас да го прифати предлогот. Според документот, поранешниот британски премиер Тони Блер би можел да раководи со меѓународната управа во Газа…

Европските и блискоисточните лидери го поздравија новиот мировен план за Газа од 20 точки на американскиот претседател Трамп. Планот предвидува итен прекин на воените операции, ослободување на заложниците и палестинските затвореници во рок од 72 часа, непречен проток на хуманитарна помош, разоружување на Хамас.

„Арапските и муслиманските земји се обврзаа да ја демилитаризираат Газа веднаш. Тунелите и производствените капацитети на Хамас и другите терористички групи ќе бидат уништени, а Израелските одбранбени сили би се повлекле од Газа во фази … Ако не се оствари договореното, Израел и Нетанјаху ќе имаат целосна поддршка од САД, за да ја завршат работата и да го направат тоа што мора да се направи“, порача Трамп.

Во Нацрт-документот се потенцира дека милитантната група нема да има никаква улога во управувањето со Газа. Се предвидува и да се формира „одбор за мир“ кој ќе ја надгледува транзицијата, а во комисијата би бил поранешниот британски премиер Тони Блер … Израелскиот премиер тврди дека понуденото од Трамп ќе овозможи Газа никогаш повеќе да не претставува закана за Израел. Нетанјаху од Белата Куќа му се извини на Катар поради нападот врз Хамас во Доха.

„Правиме клучен чекор кон завршување на војната во Газа и поставување на основа за унапредување на мирот на Блискиот Исток и надвор од него, во многу важни муслимански земји. Го поддржувам планот за завршување на војната во Газа, со што се постигнуваат нашите воени цели. Ќе ги вратиме во Израел сите наши заложници, ќе ги демонтираме воените капацитети на Хамас“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Палестинската самоуправа, која управува со Западниот Брег окупиран од Израел, ги нарече напорите на американскиот претседател искрени и решителни. Од Палестинската национална иницијатива го обвинија Трамп за пристрасност кон Израел и предупредија дека потенцијалниот план носи значителни ризици и не ги решава основните прашања на израелско-палестинскиот конфликт.

„Мора да запомниме дека овој договор воопшто не се занимаваше со основниот проблем, а тој постои со децении и е причина за се, вклучително и настаните од октомври. Не мислам дека ние како Палестинци имаме потреба од странско тело, дури и ако на чело е г. Трамп за да управува со нашите животи. Ни треба независност. Ни треба слобода. Ни треба крај на окупацијата. А тоа значи дека светската заедница мора да продолжи да врши притисок врз Израел“, рече Мустафа Баргути, генерален секретар на Палестинската национална иницијатива.

И додека се чека одговор од Хамас, „Исламски џихад“ го осуди планот, нарекувајќи го рецепт за агресија против Палестинците. Според движењето, документот претставува американско-израелска спогодба и продолжение на агресијата врз палестинскиот народ.

Маријана Димовска