Реакција за имунизација
18.12.2013 14:56
Реакција на Универзитетската клиника за детски болести за антивакциналната кампања во Македонија

Во изминативе недели во јавноста се актуализира прашањето околу безбедноста на вакцините и бенефитот од имунизацијата. Со оглед на тоа што "антивакциналото" движење во земјава зема се поглем замав, сметаме дека како Клиника за детски болести треба да ја информираме јавноста за тоа колкаво е значењето од правилната имунизација на децата.
Ова се одговорите на најчесто поставуваните прашања кои во изминатиов период стигнуваа на наша адреса, како од новинарите, така и од родителите.
- Колку често се хоспитализираат дечиња со поставкцинални реакции, и за какви случаи најчесто се работи? Евентуално какви компликации може да се случат, и дали кај нас често има такви случаи?
На Одделот за имунологија при Универзитетската клиника за детски болести во Скопје постои Оддел за несакани поствакцинални реакции каде што гравитираат сите пациенти кај кои се јавила посериозна несакана поствакцинална реакција. Покрај лекувањето кај овие пациенти се врши испитување со цел да се откријат причините поради кои настанала несаканата поствакцинална реакција и се советува понатаму како да се продолжи со имунизацијата. Обично локалните несакани реакции се лекуваат амбулантски, со совет за нега и терапија во домашни услови, а оние што се генерализирани се упатуваат кај нас и обично се хоспитализирани.
Кај нас се упатуваат пациенти со реакции од типот на покачена температура, вознемиреност, немање апетит, премаленост, долготрајно високотонско плачење, па дури и појава на грчеви. Може да се појават алергични реакции (осипи, уртикарии, отоци), или може да се манифестираат знаци за инфекција, па во тој случај е потребна голема стручност, искуство и одговорност за да се разграничи дали навистина се работи за поствакцинална реакција, независна паралелна акутна инфекција или алергиска реакција врзана со вакцината или не.
Мислењето што го добиваат пациентите е многу важно, бидејќи од тоа зависи дали ќе се продолжи со имунизацијата или не и ако се дозволи понатамошна имунизација со какви вакцини ќе треба да се продолжи. Потребна е статистичка анализа за да се утврди точниот процент на несаканите поствакцинални реакции во нашата држава, но сепак тие не се чести и завршуваат без последици. Сериозни поствакцинални реакции со смртен исход речиси и да нема.
- Кои вакцини најчесто прават реакции?
Целоклеточната пертусисна вакцина е најобвинувана за појава на несаканите поствакцинални реакции.
Во последно време се повеќе се шири неоснован страв и фама од вакцината против морбили. Достапноста на медицинските и немедицински информации за вакцините во медиумите (особено сега со интернетот) и нивната интерпретација од нестручни и медицински необразовани лица, доведуваат до оправдана забуна, сомнеж и страв кај родителите, што претставува закана за целокупниот стратегиски план за заштита на пациентите поединечно, уривање на создавањето колективен имунитет и неможност за искоренување на соодветната болест на државно, но и глобално, светско ниво.
- Зошто се ацелуларните вакцини подобри од целурарните и во кои случаии се препорачува дечињата да добијат ваква вакцина, на пример за ДТП, бидејќи во редовната имунизација кај нас се користи целурарна вакцина за ДТП?
Во секоја држава постои редовен календар за имунизација, кој е изработен и одобрен од најкомпетентните структури во државата, а кој се базира на принципите за добробит на населението, и секако според можностите во дадениот момент. Во светот со брзиот развој на медицината вакцините се усовршуваат ( со цел да се зголеми ефикасноста, а да се намали ризикот од несакани поствакцинални реакции), како и создавање нови вакцини кои една по една се внесуваат во редовниот календар.
Така вакцината против пертусис , како најобвинувана за несакани поствакцинални реакции, е усовршена во начинот на производството, при што е постигната максимална ефикасност, а несаканите поствакцинални реакции се сведени на минимум.
Во што се состои измената? Целоклеточната ДТП вакцина се приготвува од "ослабениот" целоклеточен микроорганизам кој внесен во организмот предизвикува создавање на имунитет. Денес се приготвува и ацелуларна ДТП вакцина, која всушност претставува смеса од повеќе делови на микроорганизмот кои се доволно реактогени и имуногени за да предизвикаат имунитет (отпорност на организмот) кон него, а при тоа да не може да предизвикаат ниту болест, ниту несакана реакција.
Во последниве 15-ина години, на Одделот за имунологија при УКДБ имунизираме пациенти со ацелуларна ДТП по индикација, кај пациенти со утврдена имунодефициенција или со друга болест која "бара" таков вид имунизација, според утврдените светски доктринарни ставови. Здравото население досега успешно се имунизираше со целоклеточната ДТП вакцина.
Ацелуларната ДТП вакцина е воведена во редовниот календар за имунизација скоро во сите околни држави. Во тек е постапката за воведување на ацелуларна ДТП вакцина и кај нас во редовниот календар за имунизација во Македонија.
-Зошто не треба родителите да ја бојкотираат имунизацијата на своите деца?
Не знам дали може да говориме за "бојкот". Можеби некои од родителите не сакаат да ги вакцинираат своите деца. И тие навистина имаат страв од "опасноста" од вакцините по здравјето на своите деца, но исто така ја имаат и одговорноста за последиците по здравјето од неспроведената имунизација не само на нивните деца туку и на сите други членови во општеството.
Како имунолог-педијатар, од имунолошки аспект, можам да се произнесам за позитивните ефекти од вакцинирањето, во смисла на стимулирање на зреењето на имуниот систем во детската возраст воопшто, но и стимулирање на создавање на специфична отпорност кон одредени болести кои се фатални, особено во детската возраст.
Донесување на одлука дали ќе се спроведува вакцинација или не, кои болести ќе се превенираат, кои микроорганизми би требало да бидат искоренети на глобално ниво е многу сериозен пристап во којшто учествуваат повеќе експерти од своите области на ниво на државата, регионот и светот. Ако сакаме да сме дел од светот, треба да ги почитуваме "светските" одлуки и правила.
Веќе ги "гледаме" позитивните ефекти од вакцинациите. Најдобар пример за тоа е што денес веќе нема вариола вера никаде во светот....човекот успеа да ја искорени оваа болест!
Со почит,
Прим. м-р сци. д-р Кристина Миронска
Директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести-Скопје
Доц. д-р сци.Аспазија Софијанова
