СДСМ изборната кампања ја почна од Крушево
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија изборната кампања ја почна од Крушево, зашто според оваа партија, Крушево е пример како се води една општина …

Патриотизам е да се обезбедат подобри услови за живот, почиста животна средина, да се подобрат сите аспекти на животот. И не случајно изборната кампања ја почнуваме од Крушево кое е еден од најдобрите примери за спроведување на нашите вредносни политики на терен, порача од Крушево претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче почнувајќи ја изборната кампања. Од илинденско Крушево ја испраќам пораката дека СДСМ нема да се откаже од борбата за нашиот дом и ќе го продолжи аманетот на нашите славни предци, илинденци и асномци за подобра наша и иднина за нашите деца. Критикувајќи ја актуелната власт дека не ги остварила ветувањата, Филипче рече дека одговорно стои зад кандидатите за градоначалници дека ќе работат чесно, ќе бидат отворени за сите. А Крушево, рече претседателот на СДСМ, е пример како треба да се води една општина.
Кандидатот за градоначалник Томе Христоски ја побара довербата на крушевчани за нов мандат и вети обиколница околу градот, ново полетиште на „Црн Врв“ со два терени за параглајдинг и нови планински и велосипедски патеки со дигитална мапа, субвенции за средношколците, дуално образование, нови патишта. Христоски во програмата најави и реконструкција на Домот на културата, модерен пазар, спортско-рекреативен центар „Гумење“, поддршка за ранливите категории граѓани, но и за спортските клубови и параглајдинг меѓународни натпреварувања. Нови патишта до Свети Спас, Свети Василие и „Ручало“ со паркинг за 50 возила. Христоски ги повика граѓаните Македонци, Албанци, Власи, Турци, Бошњаци, Роми на 19 октомври, да го дадат својот глас за сигурниот пат.
Пред крушевчани беше претставена и листата на советници, а Изборниот караван на СДСМ ги посети Демир Хисар и Могила.
Елизабета Митреска
